ВМРО-ДПМНЕ бара одговори дали Зарко Милошевски направил погрешна проценка за Диво Насеље, Ковачевски не ги коментира обвинувањата

Зарко Милошевски не е само продолжена рака на Виктор Димовски и одговорниот кој дал позитивно мислење за државјанството на Онишченко, туку неговото име опозицијата го поврзува и со друга афера. Според ВМРО-ДПМНЕ новоименуваниот директор на АНБ наводно бил вмешан во случувањата во Диво Насеље бидејќи како што тврдат имало сознанија за негови погрешни проценки. Оттаму бараат одговори од премиерот Димитар Ковачевски и генералниот секретар на владејачката СДСМ Миле Зечевиќ и критикуваат дека Македонија била во безбедносен лавиринт бидејќи безбедносните служби станале сопствена приватност на власта за вдомување миленици.

Ковачевски и Зечевиќ би требало да одговорат каква е улогата на Зарко Милошевски во случајот Диво Насеље од 9 мај 2015 година? Дали Зарко Милошевски тогаш началник на единицата за екстремизам бил одговорен? Дали тогаш Зарко Милошевски е директно одговорен во УБК за проценка на состојбата, а толкава група да се сместила во градот? Да потсетам, во интервју од 2017 година, Горан Николовски од позиција директор на УБК, посочи на „лоша проценка“ на УБК за Диво Насеље – прашува портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

За обвинувањата од опозицијата, премиерот Димитар Ковачевски не одговара ништо поконкретно. Според шефот на македонската влада, новиот директор на АНБ бил професионалец во фелата

– Директорот на АНБ беше поставен на седница на Влада, и е човек којшто својата кариера ја гради од 1997 година во Министерството за внатрешни работи во тогашната Управа за безбедност и контраразузнавање, потоа продолжува во АНБ каде што извршува раководни позиции и којшто во текот на својата професионална кариера бил на низа обуки, доминантно во САД и во Канада, токму во областа во којашто професионално се усовршувал и напредувал, и сега е директор на Агенцијата за национална безбедност. Не би имал што повеќе да додадам во однос на коментари што се даваат, истакна Ковачевски.

Опозицијата и претходно реагираше за одлуката Зарко Милошевски да го наследи Димовски, дека наводно тој бил продолжената рака за давање на државјанства на контроверзни ликови од Далечниот Исток. Тие објавија документ каде стои неговиот потпис како овластено лице кое одобрило Известување до Секторот за управно надзорни работи, дека не постојат пречки од безбедносен карактер за Онишченко да добие државјанство.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста