ВМРО-ДПМНЕ бара анкетна комисија да ги разгледува состојбите во енергетскиот сектор

Повторно прогласување енергетска кризна состојба нема да даде никаков ефект за подобрување на животниот стандард – предупредува пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Тие бараат да се формира анкетна комисија за разгледување на состојбите во енергетскиот сектор. Заклучоците од ова тело би биле патоказ за активностите на Владата кои ќе ги превзема во иднина. 

– Формирањето на анкетната комисија го бараме со цел да се види што е преземено односно што не е преземено во изминатиот период за спречување на енергетската криза којашто зема се поголем замав. Сите сме сведоци како државите од цела Европа се подготвуваат за претстојната зима, којашто според најавите ќе биде со катастрофални ефекти врз секојдневието на граѓаните и условите за работа на компаниите. Цехот за овој несериозен однос на нашите власти повторно ќе го платат граѓаните на Македонија бидејќи нема нови антикризни мерки кои би ја ублажиле кризата, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Тони Јаревски.

Опозициската партија стравува дека Владата ќе ја искористи кризната сосоројба за делење тендери на фирмите за ископ на јаглен.

– Владата и оваа кризна состојба ќе ја искористи за делење на тендери во четири очи на новоформираните фирми за ископ и транспорт на јаглен блиски до власта. Наша обврска како пратеници е да вршиме надзор врз работата односно неработењето на Владата, да провериме каде и како до сега се потрошени парите за ублажување на енергетската кризна состојба и како и каде се планираат да се потрошат парите за евентуално нова енергетска кризна состојба која ја најави власта, изјави Јаревски.

Oд утре стапува на сила енергетската кризна состојба која ќе трае еден месец, а власта сака да ја продолжи до март следната година. За такво продолжување треба да заседава Комисијата за одбрана, а ВМРО-ДПМНЕ веќе најави дека нема да гласа за нова кризна состојба. И мерките за штедење електрична енергија почнуваат да важат од утре до крајот на март 2023.

Надлежните институции постојано уверуваат дека струја ќе има во престојниот зимски период и дека рестрикциите не се опција.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста