Власта сака едно, народот друго: Дури 80 проценти од Македонците против уставни измени и внесување на Бугарите во Уставот

Дури 80 проценти од Македонците не сакаат уставни измени и внесување на Бугарите во Уставот, процес кој власта сака по секоја цена да го истурка во Собранието. Ова го покажува истражувањето на Институтот за демократија „Социетас цивилис“.

-Поддршката за уставните останува да биде ниска. 65 проценти од популацијата е против уставни промени, а кај етничките Македонци е 80 проценти, што е исклучително висок податок, изјави Марко Трошановски, претседател на Институт за демократија „Социетас цивилис- Скопје“.

Кога пак станува збор за Европската Унија, довербата на граѓаните го достигнува своето дно, барем во последниве девет години. Во 2014-та 80 проценти од граѓаните би гласале за членство во Европската Унија. Девет години подоцна кога на власт е владејачката гарнитура која се претставува како најевропска, само 64 проценти би гласале за членство во ЕУ, најнизок процент во изминативе 9 години.

-Оваа година 64 проценти од граѓаните се за членство во Европската Унија доколку следната недела би се одржал референдум, што е за четири проценти помалку од 2021 година, кога 68 проценти би се согласиле на членство во ЕУ, изјави Анамарија Велиновска од Институтот за демократија „Социетас цивилис- Скопје“.

Овие бројки секако треба да ја загрижуваат власта, која со Францускиот предлог прифати уставните измени да бидат услов за Македонија да ги започне преговорите со ЕУ.

-Се разбира дека преговарачката рамка е значителен фактор во европскептицизмот, бидејќи не се заснова на чистите копенхашки критериуми и наметнува дополнителни пар екселанс услови за земјата, изјави Трошановски.

Директорот на Конрад Аденауер Македонија, фондацијата со чија поддршка е спроведено ова истражување, вели дека причините за ваквите лоши бројки се надворешни, но и внатрешни.

-За жал во Македонија општото менине за состојбите како се одвиваат не оди баш во најдобра линија. Факторите за ваквото мислење се и внатрешни, но и надворешни фактори. Но, морам да ви кажам дека како директор на Конрад Аденауер фондацијата, ние имаме заложби да и помогнеме на Македонија и да го продолжиме патот на евроинтеграција и покрај сите влијани кои што доаѓаат од надвор и од внатре, а што влијаат нели на целиот процес, изјави Даниел Браун, директорот на Фондација Конрад Аденауер во Македонија.

Најголем процент од граѓаните кои би гласале против членство на Македонија во ЕУ во 2022-ра, 17 проценти сметаат дека на тој начин би го загубиле националниот идентитет.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста