Власта не бегала од изборно соочување, ама не сака тоа да биде предвремено како што бара опозицијата

Премиерот Димитар Ковачевски и натаму одбива предвремени парламентарни избори а е сигурен во победата на Социјалдемократскиот сојуз на следните редовни парламентарни и претседателски во 2024 година. Иако опозицијата смета дека единствен излез од кризата е оваа власт поскоро да си замине, Ковачевски денеска не штедеше критики за ВМРО-ДПМНЕ па им порача да се фателе за работа. Вина кај опозициската партија најде и за колапсот во скопскиот сообраќај, закочените закони, неостварените капитални проекти.

„Опозицијата имаше избори во август оваа година. Тоа беа локални избори во општините Маврово и Ростуше, Центар Жупа и во Тетово. И таму се потврди дека тоа што го прават дека водат на анкетите е само за себе и за своето членство. Се потврди дека доживеаја најголем пораз, дека во Центар Жупа и покрај тоа што сакаа да направат бојкот уште еднаш не успеаја и во Општина Тетово каде што велеа дека ќе победеле 6:0 имаа послаб резултат од тоа што го имаа на последните локални избори. Во Скопје ветуваа бесплатен автобуски превоз, ветуваа фабрика за електрични автобуси, ветуваа брда и долини, а во моментов во Скопје ниту има автобуски превоз, ниту има пречистителна станица за вода, ниту има било какво поместување на било кој капитален проект кој што им го остави минатата власт, која што изгуби, им честиташе победа и предаде власт на ВМРО-ДПМНЕ .“, рече Ковачевски додавајќи дека е убеден оти СДСМ и коалицијата ќе победи и на претседателските и на следните парламентарни избори.

Прашан ако е толку сигурен во победа, зошто не прифати предвремени избори, Ковачевски рече дека требало да се почитуваат законите и мандатите, а не да се организираат избори за, како што обвини, партиски и лични интереси.

Но самобендисаноста кај Ковачевски опозицијата ја толкува сосема поинаку. Тие се уверени дека првиот човек на владата позади сигурноста која ја покажува дека СДСМ би ги добиле и парламентарните и претседателските избори, се крие стравот бидејќи ВМРО-ДПМНЕ воделе на сите анкети. Потпретседателот на опозициската партија Николоски смета дека до сега не се случило во историјата на македонската демократија да има едно вакво епско бегање од избори.

Никој до сега вака не бегал од избори како што бега оваа Влада на СДСМ и на ДУИ, затоа што не само што добро ги знаат истражувањата на јавно мислење каде што предноста за ВМРО-ДПМНЕ кон СДСМ е повеќе од два спрема еден, а предноста на опозицијата кон власта е далеку, далеку поголема. Но, исто така, го чувствуваат и импулсот на народот, знаат дека народот е разочаран од ова што се случува, разочаран е од економското тонење, но исто така и од националните понижувања“, рече Николоски.

Опозициската партија веќе долго време бара предвремени избори поради лошото справување со последиците од економската и енергетската криза но и низата скандали кои се случија последниве години.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста