Влада со тенко мнозинство од 62 пратеници тешко дека ќе функционира и истера цел мандат

Македонија ќе добие Влада која ќе има секојдневни меѓукоалициони битки, и тешко дека ќе може да ги исполни програмите и ветувањата дадени пред граѓаните. Ваков е ставот на експертите со оглед на тесното парламентарно мнозинство. Според универзитетскиот професор Александар Даштевски, новата Влада би можела да има доста краток рок на траење, со оглед на тоа што не смее да загуби ниту еден пратенички глас, па тоа би можело да доведе до зголемени барања од страна на помалиот коалиционен партнер во власта.

-Очекувам да има уцени за многу закони, затоа што тесно е мнозинството. Често пати гледаме дека не се решени ни меѓусебните односи. Така што сметам дека многу тешко ќе функционира Владата. Не само што е тесно мнозинството, тоа е неприродна коалиција, затоа што цело време во предизборната кампања СДСМ и нивниот лидер ги напаѓаа ДУИ дека се криминалци дека треба да одговараат и дека нема повеќе да бидат во власта, изјави Даштевски.

Дополнителен проблем за власта може да бидат и внатрепартиските превирања во ДУИ. Незадоволството во ДУИ, првично го одложи гласањето на Талат Џафери за собраниски спикер, а беше и причина неколку дена предлог составот на Владата Заев да го чува во фиока. Ваквата ситуација кај интегративците, според Даштевски може да биде доста опасна за сигурноста на Владата.

-Многу се важни луѓето од терен, таков човек е Изет Меџити, кој заедно со другиот пратеник што не сакаше да гласа беа против изборот на двајца министри. А тие се луѓе кои донеле најмногу гласови во таборот на ДУИ и поради тоа сметам дека и понатаму ќе продолжат да поставуваат услови, бидејќи кој го контролира теренот, треба да ги контролира и работите во партијата, изјави Даштевски.

Новата Влада на Македонија ќе ја сочинуваат СДСМ, ДУИ и ДПА, а ќе тесно и несигурно парламентарно мнозинство од само 62 пратеници.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста