Владата ја замрзна цената на лебот на 33 денари, и ја укина субвенционираната струја за дел oд компаниите

Дали Македонија од утре ќе остане без леб?! Владата и покрај заканата на пекарниците, реши да ја замрзне цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари до 31 мај годинава. Во исто време, Владата им ја укина субвенционирана цена на струјата на прехрамбените компании, тврдејќи дека тие се богателе на грбот на граѓаните со тоа што не ги намалиле цените.

Премиерот рече дека одлуките ги носат за да не дозволат едни да плаќаат, а други да се богатат. Министерот за економија Бектеши откри и дека со сегашните цени на брашното што се движат од 26 до 28 денари за килограм, пекарите имаат заработка од 6 денари за векна од 450 грама.

Одлуките најверојатно утре ќе бидат објавени во Службен весник, по што веднаш стапуваат на сила. Производителите на леб остануваа на ставот дека доколку одлуката стапи на сила тие ќе престанат со производство на леб, што значи дека вќе од утре во продавниците може да има недостаток на овој основен прехрамбен производ.  

  • Цената на белиот и на полубелиот леб, сечен или векна со тежина од 450 грама, до 31 мај годинава ќе биде замрзната на 33 денари, а цената на лебот што е со помала тежина од 450 грама, мора да биде и пониска од 33 денари, соопшти премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со министерот за економија Крешник Бектеши во Владата.

Министерот за економија Крешник Бектеши ги повика производителите на леб да ги прифатат ваквите одлуки и да не создаваат хистерија. Рече дека направиле анализи во соработка со Државен пазарен инспекторат и со групацијата пекарници дека цената ќе биде прифатлива за сите.

Ако на стопанството не му се допаѓа оваа одлука, од Владата ја повика групацијата на пекари да разговараат, за да се најде соодветно решение, зашто граѓаните се најмалку виновни да трпат загуби.

  • Цените на белиот и полубелиот леб се движат од 28 до 45 денари зависно од производителите. Сметаме дека не е во ред да има толку голема разлика во производство на одреден леб, а зборуваме само за два вида. Затоа, поддршката од Владата треба да им се врати на граѓаните. Сакам да ја повикам Групацијата на мелничари, да седнеме, да разговараме за да се најде соодветно решение, да донесеме одржливи одлуки, да има вин-вин ситуација посебно за граѓаните, а не еднострана добивка. Да им олесниме, посебно на најранливите категории граѓани. Имајќи предвид дека последните 3 – 4 месеци можеби 10 – 20 пати имавме состаноци со мелничарите, не е фер, ниту транспарентно да се кажуваат невистински податоци зашто е проверено од сите надлежни институции. И претседателот на Групацијата, еден од двајцата што вчера излезе на прес-конференција како сопственик на една од најголемите компании за леб, има цена под 33 денари на бел и полубел леб. Тоа е утврдено од Ддржавниот пазарен инспекторат (ДПИ). Затоа, да не криераме хистерија кај граѓаните. Ако треба тоа и јавно ќе го објавиме како податок зашто сакаме отворено да дискутирмае со сите засегнати страни, но приоритет е интересот на граѓаните, подвлече Бектеши.

Бектеши направи математика и даде објаснување за формирањето на цената на бел печен леб од 450 грама.

  • Според информациите од пекарите, за брашно, квасец, сол и адитиви потребни се 9,5 денари, за енергија и работна рака 5,7 денари, за транспорт и пакување шест денари и вкупната производна цена е 21,2 денари. На оваа цена се додава заработката на пекарите која е шест денари. Кога ќе се достави во маркетите, на таа цена од 27,2 денари се додава пет отсто маржа и уште пет отсто ДДВ. Крајната цена во маркетите е 32 денари, објасни Бектеши.

Компаниите од мелничко-пекарската индустрија се пожалија дека и покрај субвенциите за струја, тие не можат да ги налмалат цените на лебот затоа што имаа уште еден куп проблеми, како што се увозот на суровина од странство. Твдрат дека не можат да ја намалат цената затоа што залихите ги набавиле лани, кога цените на суровините биле поголеми.

Според нив, вака замрзнатата цена на лебот, ќе им содздаде загуби кои примораат многу компании да стават клуч на врата. Се жалат и дека платите биле многу високи поради недостатокот на кадар, па пекарите ги плаќале од 600 до 1.000 евра. Од друга страна, многумина сметаат дека дел од бизнисмените во државата ја користат кризата и мерките за да направат голем ќар.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста