Владата планира во сабота да почне изградбата на првиот автопат – за колку пари, каде, што – нема одговор

Од која локација точно ќе почне изградбата на Коридор 8, колку ќе чини цел проект, дали е испроектиран барем еден километар од трасата, кој ќе понесе одговорност ако не се донесат потребните законски измени до 22 април, ќе плаќаме пенали или дополнителни трошоци – на ниту едно од овие прашања нема конкретен одговор но власта не се откажува од намерата, во сабота веќе да почнат градежните активности. А што ќе се случи ако во сабота не почне изградбата на Коридор 8? И овој, и останатите одговори ги имало во договорот потпишан  со „Бехтел и Енка“  кој  Димитар Ковачевски не го дава.  Премиерот вели во договорот се содржани сите обврски кои ги презеле двете страни, ама кои се тие и дали Македонија ќе ја сноси одговорноста, медиумите и јавноста не слушнаа ни збор.

Сите оние кои што не сакаат да ја видат државата со модерна инфраструктура и кои не сакаат да ја видат поврзана со земјите со регионот, за жал ќе мораме да ги разочараме дека ќе има и коридор 8 и коридор 10-д. Сите договори кои се дел од работата на ЈПДП имаат деловна тајна и назнака на доверливост бидејќи содржат технологии на работа, структури на управување и поради заштита од конкуренцијата овие договори се такви – рече премиерот Ковачевски.

До сега јавноста не доби речиси ниту еден конкретен одговор поврзан со Коридор 8. Но на три дена до рокот кога треба да почне изградбата, новинарите добија ветување од министерот за транспорт и врски, дека ќе информирале навремено за проектирањето на трасата, експропријацијата и процентите на експропријација.

Многу изненадувања имаше во минатото, во однос на патиштата кои се градат 10 години. Во наредниот период ќе известуваме преку Владата, преку ЈПДП, со цел јавноста да биде запознаена во однос на се она што се случува, за сите чекори, отпочнување со градба, делници, и се она што е од интерес на јавноста – рече министерот Бочварски.

Целиот проект од самиот почеток се поврзува со низа контроверзи. Од одлуките за надзор (и спорните фирми кои ќе го вршат, иако некои од нив немале лиценца) до обврските кои ги презела земјава ако не се завршат автопатиштата во рок од 4 години и 7 месеци. Опозицијата претходно тврдеше дека ќе треба да платиме 53 милиони евра пенали ако не ги донесеме потребните Закони, кои ќе им овозможат на „Бехтел и Енка“ да градат брзо, односно работниците да работат по 60 часа. Овој момент власта благо го демантираше – но призна дека ќе паднат на наш грб дополнителни трошоци, ако Коридор 8 не се изгради во дадениот рок.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста