Владата контра народот – уставните измени ќе се туркаат по секоја цена

Владата по секоја цена ќе ја гази волјата на народот. 80% од Македонците се изјаснија дека не сакаат Уставни измени, но за Димитар Ковачевски како да не се важни резултатите од сите анкети, па глуми реален оптимист и најавува дека промени во Уставот ќе се случат. За неодамнешното истражување на Институтот за демократија „Социетас цивилис“, премиерот потенцира оти покажало дека ЕУ е наш најдобар партнер, но истата Унија требало да се почитува дигнитетот на македонскиот народ.

Тоа е само една од одлуките за кои што е потребно 2/3 мнозинство. Со него ќе треба и измени во обвинителската сфера, судската сфера, во децентрализацијата, реформите на администрацијата и затоа треба широк национален и општествен консензус. Нашите граѓани сакаат и заслужуваат да живеат во европски стандард, но тука во Македонија. Не одат учениците од училиштата во странство, одат нивните родители бидејќи сакаат да живеат во земја-членка на ЕУ. Сетете се каде беа Чешка, Полска, Унгарија, Бугарија пред да влезат во ЕУ, а каде бевме ние кога бевме дел од Југославија? Ако споредиме денес, тоа што тие денес го имаат е единствено заради членството во ЕУ. Тоа го сакаат нашите граѓани и Парламентот има обврска изјави премиерот Ковачевски.

Ковачевски не прецизира како ќе успее да обезбеди дво-третинско но вели дека лидерска средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ не е потребна и нема да има во скоро време.

Христијан Мицкоски пак и денеска со контра предлог до премиерот. Наместо уставни измени, распуштање на Собранието и предвремени избори. Според првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ тоа е единствениот излез, за како што вели, овој невиден лоповлук. Мицкоски додава и дека ДУИ и СДСМ се свесни дека уставот во овој парламентарен состав не може да се смени и дека тоа не им е ни вистински приоритет, за нив, вели тој, најважно е продолжувањето со криминалот и корупцијата.

Секој кој мисли дека гласа за Преамбулата, не гласа за тоа. Гласа да продолжи криминалот, корупцијата, угнетувањето. Тоа значи ден повеќе на овие кримналци на власт. И Македонија да биде обвиена во неспособност – вели Мицкоски.

Последната анкета на Институтот за демократија, покажа дека дури две третини од македонските граѓани или 65 проценти се против внесување на Бугарите во Преамбулата. Според етничката припадност, мнозинство од 80% на етнички Македонци се против уставни измени, додека пак, 53% од испитаниците  идентификувани како етнички Албанци даваат поддршка на уставните измени. Освен истражувањата на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ и Фондацијата „Конрад Аденауер“, дека мнозинството македонски граѓани се против уставните измени покажа и истражувањето на јавно мислење на ИРИ.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста