Владата го продолжи ограничувањето на маржите на трговците за храната

Владата ги продолжи ограничувањата на маржите за трговците со храна од крајот на септември до крајот на годината. Маржите се ограничени до 5% во трговијата на големо и мало за бел леб, шеќер и сончогледово масло, како и на 10% за брашно, макарони, шпагети, ориз, млеко и јајца. И покрај тоа што оваа одлука беше донесена кон средината на јуни, цените на најосновните прехранбени производи во последниве три месеци незапирливо растеа и нема изгледи дека тој тренд ќе престане во догледна иднина. Порастот на цените се движи од 27% кај јајцата до дури 47% на маслото за јадење. Токму поради забрзаниот раст на цените на храната, економистите се скептични дека продолжувањето на замрзнатите маржи може да даде којзнае какви ефекти и да ги поефтини производите за граѓаните, во услови на поскапени суровини, енергија, инпути, работна сила.

Дел од аналитичарите побараа замрзнување на цените на основните производи на одреден период, а не само на маржите, по примерот на некои држави од соседството. Економистите го вклучија алармот дека ако Владата не преземе нови мерки за сузбивање на инфлацијата која се доближи до 17% во август, би можела да надмине 20%, по што ќе биде многу тешко да се контролира.

Додека Владата размислува како да ги редизајнира мерките за да ја ублажи инфлацијата, Народната Банка веќе реагираше. Ја подигна основната камата неколку пати. Последното зголемување се случи минатата недела, па сега таа достигна 3%. Банките веќе реагираа. Ги подигнаа каматите на депозитите, а се очекува и ново подигање нагоре на променливите камати на кредитите. Експертите коментираат дека ваквите монетарни потези само делумно ќе влијаат на инфлацијата бидејќи таа е предизвикана од надвор на страната на понудата, не на побарувачката. Најавите за нова повисока цена на струјата по Нова Година дополнително може да ја „подгрее“ инфлацијата. Очекувањата се таа да се стабилизира дури во вториот квартал наредната година.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста