Вицепремиерот Бојан Маричиќ би почнал да разговора со ВМРО-ДПМНЕ за внесување на Бугарите во Уставот

Време било да се започне разговорот со ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени порачува власта иако опозицијата остро се противи на внесувањето на Бугарите во Уставот без какви било гаранции од Брисел. Вицепремиерот Бојан Маричиќ, тврди дека на уставните измени треба да гледаме како на потреба ние самите да си го заштитиме и зајакнеме идентитет наспроти Бугарија. Трагично било да се блокира Македонија заради ова прашање, вели вицепремиерот а и уверува дека ова е полениот дел од патот кон еу, а тешкотиите ќе дошле со отворањето на поглавјата, кои, немало да бидат поврзани со историја или етничкото потекло.

  • „Мислам дека е време и со ВМРО ДПМНЕ да разговараме дали јавно или вон очите на јавноста, сеедно, секако треба да почне разговорот. На темата на суштинска содржинска расправа околу уставните измени, зошто е проблем да бидат вметнати Бугарите во Уставот, како тоа нам на Македонците ни е проблем, како тоа може да не загрози. Бидејќи содржински треба да го промениме Уставот во преамбулата со додавањето и во додавањето на Бугарите во оној комитет за односи меѓу заедниците во Собранието, каде што ги има сите заедници, тие се двете места, Уставот каде што се спомнуваат заедниците со име“,  вели Маричиќ.

Наспроти ваквите уверувачки тонови на Маричиќ, ВМРО-ДПМНЕ досега јасно укажува дека нема да гласаат за внесување на Бугарите во Уставот. Опозицијата е децидна дека нема да има уставни измени во овој парламентарен состав.

  • „Маричиќ нема мандат ниту овластување од граѓаните да разговара нешто што не е одобрено од граѓаните. Наместо да троши енергија за тоа, Маричиќ нека започне да се занимава со решавање на проблеми како и со акутната неспособност на власта. На површина излегува дека власта нема мнозинство за уставни измени, наспроти кампањата која ја тераше цела година дека се на прагот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

За опозицијата единствен излез за Македонија се предвремени парламентарни избори, за како што велат власта пред граѓаните да излезе со став дека ќе го менува Уставот, па да види дали ќе ја добие поддршката за тоа или не.Од друга страна владините преставници се децидни дека Македонија ќе гласа за нов парламентарен состав ама во 2024 година.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста