Вината пак се бара кај обичен службеник- дали за случајот со Онишченко ќе одговара некој функционер или само обичен вработен во АНБ?!

Дали наместо владини функционери, повторно обични службеници ќе бидат криви за големиот скандал со Онишченко? Дали слуачјот со Украинецот ќе го добие сценариото што го имаше случајот „Двојник“, за патните исправи со туѓ идентитет, кои ги добија светски барани криминалци. На крајот за тој голем скандал осудени беа само обични вработени во пасошкото одделение во МВР.

Директорот на АНБ, Виктор Димовски во изјава пред медиумите, веќе се амнестираше самиот себе, а очигледно довербата ја има и кај други во централната власт. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, повикувајќи се на зборовите на Димовски, вели веќе била лоцирана вината и одговорност ќе мора да има.

-Како што слушнав сега и во изјавата на директорот на Агенцијата за национална безбедност веќе е лоцирано точно што е направено. Третото ниво е меѓународната помош, односно проверки кај стратешките партнери, кај земјите членки на НАТО. И тука веќе може да се дефинира. Од тоа што слушнав дека има пропуст во третиот слој на проверките, изјави Спасовски.

А како што е веќе познато, Димовски, на чии зборови верува Спасовски, кажа дека немало никаква вина кај него, па дури и се пофали дека открил кој е виновен. Станувало збор за вработен во АНБ, за кого наредниот период ќе се бара одговорност.

-Воспоставен е систем така како што треба. Ние ќе го испитаме системот уште еднаш дали има некаков недостаток. Се работи за една алка во тој систем која што направила голем пропуст, која има потенцијал да ја компромитира работата и сите досегашни достигнувања на агенцијата, изјави Димовски.

Иако и самиот кажа дека вината била кај АНБ, сепак Димовски од позиција на директор не чувствува дека треба да поднесе одговорност, макар таа била и морална.

-(На крајот на денот вие сте директор, дали треба да има одговрност ако се докаже дека постои вина?) Не сметам дека има лична одговорностм, изјави Димовски.

Останува непознато и каква ќе биде судбината со пасошот на Олександар Онишченко, односно дали ќе му биде одземен или не. Спасовски вели за тоа ќе се разговарале на владина седница, а постоела и постапка која мора да се запази, која не траела еден ден.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста