Вината била кај АНБ, ама директорот не чувствува вина: Димовски тврди дека службеник во агенцијата бил крив за Онишченко

Виктор Димовски потпишал за Онишченко, ама не бил крив. Вината била кај агенцијата со која раководи, но виновен бил службеник, а не директорот на Агенцијата за национална безбедност. Ова си го кажа самиот Димовски. Тој отиде во Собранието за вината за овој голем пропуст да ја префрли на пониските ешалони во АНБ, во обид за испере самиот себе.

-Испитуваме дали се работи за изолиран случај или се работи за уште некој друг предмет. Не сакаме за ваков предмет, она што е сторено со вредна работа, со макотрпна работа во изминатите три години, за надминување на онаа слика што ја имавме за делувањето на безбедносната главна служба во изминатите 15 години да се повтори. За лицето и евентуално други инволвирани во наведениот слуачај ќе си бидат преземени законски мерки, изјави Димовски.

Димовски на затворената седница објаснувал дека сите чекори, освен еден биле добро завршени. Единствено што било изоставено е консултацијата со партнерите од НАТО, што бил последен чекор за давање зелено светло. Тоа ќе било и причина дури сега да се испитува целиот систем кога е оваа проблематика во прашање

Воспоставен е систем така како што треба. Ние ќе го испитаме системот уште еднаш дали има некаков недостаток. Се работи за една алка во тој систем која што направила голем пропуст, која има потенцијал да ја компромитира работата и сите досегашни достигнувања на агенцијата, изјави Димовски.

Шефот на собраниската комисија за надзор на работата на АНБ Љупчо Пренџов, потенцираше дека директорот на агенцијата сам го потврдил овој катастрофален пропуст, велејќи дека проблематично е и признанието дека ако не било објавено во меидиумите, немало да има никаква реакција.

-Потврдија дека направиле огромен пропуст внатре во агенцијата. Втората работа која што е исто така е флагрантна е тоа дека АНБ немало да реагира до ден денеска доколку оваа афера не ја откриевте вие медиумите и доколку со оваа афера не се запознаеше целата македонска јавност, изјави Пренџов.

Објаснувањето на Димовски траеше само половина час, а седницата беше прекината поради технички пропуст на собраниските служби. Иако седницата беше затворена за јавност, по барање на директорот на АНБ, сепак аудио стрим одеше на јутјуб, поради што собранискиот спикер Талат Џафери побара нејзин прекин додека да се откријат причините за овој пропуст.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста