Веќе подолго време низ аптеките во државата нема антибиотици за деца

Во сезона на грип и зголемен број на респираторни инфекции низа антибиотици ги нема во аптеките. Граѓаните се принудени од аптека во аптека да бараат одредени антибиотици кои се на товар на Фондот за здравство. Оспен, Амоксиклав, Зинат, Коалмацин и Панклав ги нема речиси во ни една аптека.

Матичните лекари потврдуваат дека и пациентите, но и ординациите се соочуваат со недостаток на одредени лекови. Особено недостасуваат антибиотиците за деца. Проблемот трае веќе еден месец.

Од Агенцијата за лекови МАЛМЕД за Алфа тврдат дека таблетарните форми на антибиотиците Амоксиклав, Коалмацин и Панклав, кои имаат ист состав, се наоѓаат во промет во аптеките во земјава.

Во моментот има недостиг на суспензијата за деца, но МАЛМЕД веќе има одобрена увозна дозвола за суспензијата Амоксиклав и се очекува лекот да го има во аптеките следната недела. Во најскоро време треба да ги има и Панклав и Коалмацин за деца. МАЛМЕД, во соработка со сите веледрогерии максимално се залага да се обезбедат сите лекови со цел задоволување на потребите на пациентите“ – велат од МАЛМЕД.

Лекарите бараат итно решавање на проблемот со недостиг на лекови, оти според нив ненавременото лекување може да предизвика уште поголеми компликации и оштетувања.

Истовремено, освен недостиг на антибиотици. И дијабетичарите се соочуваат со недостиг на инсулинска терапија. Во болничките аптеки нема игли, ниту ленти за мерење на шеќер во крвта.

Ања Лукарова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста