Вето за вето, датум за датум, отстапка за отстапка – Македонија 18 години чека почеток на преговорите со ЕУ

Вето за вето, датум за датум, отстапка за отстапка – Македонија 18 години чека почеток на преговорите со Европската унија, а според експертите ќе чека уште долго. Договорот со Грција требаше да ја промени европската перспектива, сепак, Преспанскиот договор како што вели поранешниот амбасадор Ристо Никовски беше една огромна грешка во политиките на Македонија бидејќи иако влеговме во НАТО, не ни го отвори патот до европското семејство. Освен понижувања и повреда на националните интереси не добивме ништо. 

„Европската Унија нема уште долго да се проширува, Црна Гора преговара 10 години, Србија 8, тие се исто далеку од Брисел како и ние Нашата грешка се состои во тоа што Преспанскиот договор го голтнавме за џабе – еден катастрофален и историски пораз“ – вели поранешниот амбасадор Ристо Никовски.

„ЕУ ја потврдува својата безрезервна поддршка за европската перспектива на Западен Балкан“ – оваа реченица македонската јавност ја научи на памет – на секој Самит европските челници ни порачуваат добра волја, но секогаш има некоја стапица –вето од Бугарија, реформи во Унијата, предлог нова европска геополитичка заедница. Надежите се ситнат и по завршувањето на секое претседателство, а со крајот на француското во јуни, се повеќе расте песимизмот, бидејќи и клучните луѓе од ЕУ велат дека следи криза во односите помеѓу Унијата и Западен Балкан. За Никовски, можеби единствен начин е да се прифати предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон.

„За Македонија е многу подобро и единствено решение е да биде дел од таа група. Ако веќе сме таму и ако се концетрираме на реформите, и ако постигнеме европски стандарди – тогаш ќе напредуваме“ – додава Никовски.

Во моментов она што е најпотребно е власта да не создава лажни очекувања, туку да се соочи со реалноста – ова се пораките од повеќето аналитичари во земјава, а се чини дека политичкиот врв тоа и го прави – во последно време слушаме изјави дека речиси никој од власта не се врзува за датуми, па така се изгубија и последните надежи дека Македонија во скоро време ќе ги почне преговорите. Прашањето што се поставува е – дали ќе успееме да ја одржиме енергијата за продолжување на реформите, и дали всушност имаме други опции, како би постигнале суштински напредок по клучните теми во комплицираната домашна политичка сцена?

„Во моментот немаме енергија како општество, таа енергија мора да се создаде од политичките елити. Оставени сами на себе, ќе останеме во апатија. Во моменти на нервоза и губење на енергија, имаме тенденција да го запоставиме она што сме го постигнале. Преспанскиот договор е добар модел и благодарение на тоа станавме членка на НАТО“ – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Во меѓувреме, блокадата од Бугарија останува и во јуни, а тоа го потврдуваат сите бугарски политичари. Иако власта имаше високи очекувања од премиерот Кирил Петков, тој уште еднаш повтори дека без широка национална согласност, решение за спорот со Македонија нема.

Со тек на годините се губи довербата во ЕУ кај македонските граѓани а тоа според експертите е очекувано. Унијата ја губи популарноста а со тоа и кредибилитетот –  последните истражувања покажуваат дека довербата е падната на 9% иако некогаш била и повеќе од 50 отсто.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста