Велкоски: „Францускиот предлог е непристоен, впрочем како и сите предлози кои Македонија историски ги добивала од ЕУ“

         Во последниве три децении, Македонија никогаш не добила пристоен предлог од ЕУ. Уште од 1992 година со Лисабонската декларација кога не’ прогласија за ФИРОМ, преку 2008-ма година кога требаше да влеземе во НАТО, па во 2018-та година кога не’ условија со промената на името и така се’ до овој последен француски предлог, вели претседателот на ОО на Сојузот на борци од Прилеп, историчарот Илија Велкоски.   

    ЕУ како клуб на народи, си ги заштитува интересите на своите членови за сметка на претендентите, каков што бил и сегашниов случај со Бугарија, иако историската вистина е на македонската страна, потенцира Велкоски.

    „Бугарите, нам на Македонциве, скоро 150 години ни стојат на патот, и во идентитетот, и во јазикот, и во политиката, и во формирањето на држава, и во формирањето на културата“, – кажа Велкоски.

    Велкоски нема дилеми дека Бугарите биле фашисти, бидејќи тоа било  јасно забележано во историјата, но сега, Бугарија го користела моментот на консензус во ЕУ.

    „Во Стразбур имавме 15-16 пресуди, донесени во корист на Македонците во Бугарија, а ниеден не е спроведен. Се сеќавате ние кога се тужевме со Грците, неколку пресуди ги имавме, а што презеде ЕУ ?! Ништо !!! Балканов го нејќи Европа, се гледа дека го нејќи, не нас Македонците, туку цел Балкан. Во историјата, Балканот секогаш бил монета за поткусурување на европските стандарди и идеи, а Македонија – монета за поткусурување на балканските земји“, – објаснува Велкоски.

   Сепак, и покрај ваквите факти, ОО на прилепските борци, го поддржува францускиот предлог, но, како што велат, само до границата да не се загрозени идентитетот и јазикот.

    „Ние ја поддржуваме Владата на Македонија и претседателот на Македонија да преговара до степен на возможност. Ако се чепне во идентитетот и во јазикот, да прекинат сите преговори со Бугарија и со ЕУ“, дециден е Велкоски.

  Според историчарот Велкоски, македонската нација постои над 1.500 години и дека Бугарите се тие кои го презеле јазикот од македонските Словени.

Каролина Дурло

  

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста