Велики четврток – верниците почнаа со подготовки за најголемиот христијански празник, Велигден

 Во четвртиот ден од најстрашната или Страдална седмица, кој е и прв од почетокот на страдањата на Господ Исус Христос, православните христијани, уште пред изгрејсонце ги вапцуваат велигденските јајца. Велики Четврток е денот кога после Тајната вечера со своите 12 апостоли, длабоко во ноќта, Исус Христос ќе биде предаден од неговиот ученик Јуда Искариотски за само 30 сребреници. Во тој тажен спомен, веќе подолго од 2.000 години, православните христијани на Велики Четврток, со многу љубов ја одржуваат жива оваа традиција, вапцувајќи ги првите три црвени јајца, уште рано пред зори.

  „Стануваме рано пред сонце за да ги вапцаме трите најважни јајца. Првото ни е Божјарче, второто ни е за домаќинот, а третото ни е за во куќата. Кога ќе ги вапцаме јајцата ги ставаме во сито, постелено со црвена подлога и ги ставаме трите јајца на пенџере за да ги види сонцето.А ние пред да ги вапцаме јајцата, каснуваме едно лепче, колку да не бидеме гладни, да не не„разбие“, така велеле старите, јајцата да бидат плодни, плодна куќата да биде, деца да се родат“, – раскажува Менче Милошеска од Здружението „Преродба“.

  Според верувањата, првото велигденско јајце го вапцала Марија Магдалена во чест на Исус Христос и се смета дека тоа е старо колку и православието. А адетите и обичаите за овие страдални денови пред најрадосниот празник помеѓу сите празници, торжественото Воскресение – Велигден, македонските православни верници верно ги чуваат и доследно им ги пренесуваат и на младите генерации. 

    „Адетите се одржуваат. Ние постарите ги одржуваме, ама и младите, да, вапцуваат јајца, се интересираат за сите традиции кои што ние ги поседуваме“, кажа Павлина Јосифоска од „Преродба“.

  Утре е Велики Петок, најтешкиот ден од оваа Страдална седмица, кога ќе се случи и Христовото распнување на ридот Голгота над Ерусалим.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста