Велики Петок – ден на тага, тихување и „нејатка“

Велики Петок, Велипеток или Распет Петок е најтажниот, најцрниот и најтешкиот празник за христијанските верници. Ден на тихување, на тага и жалост, и на најстрог пост, па дури и на целодневно воздржување од храна, познато како „нејатка“. Тоа е петтиот ден од Страдалната седмица и е посветен на неправедното осудување на смрт, на распнувањето, на крстните страдања и на самата смрт на нашиот Спасител на ридот Голгота. „Ние како православни христијани денеска сме во длабока жалост и овој ден му го посветуваме само на оплакувањето на Бога“, велат членките од Здружението „Преродба“, опишувајќи ги многувековните адети, а кои, верно на традицијата, се пренесуваат и од колено на колено.

„Велипеток е страшен ден, тоа значи ден на оплакување. Значи, нема во домовите музика, нема пеење, нема физичка работа работење. Сето да биде на тивко, на мирно. Потоа ние домаќинките со своите дечиња си одиме по храмовите. Кога влегуваме таму, плаштеникот е поставен, Распетието на Исус Христос е поставено, а ние го целиваме плаштеникот од Исус Христос“, – ни раскажа Спасија Грижоска од Здружението „Преродба“.

Велики Петок завршува со погребението, вели нашата соговорничка, кога пред зајдисонце, свештениците заедно со верниците, ги изнесуваат од црковниот храм Господовата плаштеница и Распетието.

„Се оди околу црквата три пати. Тоа значи дека веќе следува погребението на Исус Христос. И така, на тој начин завршува Велики Петок“, објаснува Грижоска.

Утре пак, е Велика Сабота. Тоа е денот на покојот на најголемиот Покојник, денот помеѓу смртта и воскресението, денот помеѓу Петок и Велигден, денот што ги спојува распнувањето и радоста, и ден на чување на гробот. На Велика Сабота, домаќинките во домовите ги завршуваат сите подготовки во исчекување на најрадосниот празник, Воскресението Христово, како вечен симбол за победата на животот над смртта. Со Велика Сабота завршува и шестнеделниот Велигденски пост.

 Каролина Дурло

                                                                                                          

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста