Велика сабота, денот меѓу смртта и воскресението

Православните христијани во исчекување на Христовото воскресение – Велигден. Велика Сабота е денот меѓу смртта и воскресението, меѓу Петок и Велигден, денот што ги спојува распнувањето и радоста. Овој е втор ден на христијанската жалост, тага и молк. Во сите православни храмови, верниците оставаат црвени јајца и поминуваат под маса која го означува гробот на Исус Христос. Се прават и последните подготовки за вечерната воскреска литургија во скопскиот соборен храм и утрешниот ручек во кругот на семејството.

Велика сабота е и последниот ден од 40-дневниот велигденски пост. Сите верници кои се воздржувале од јадење мрсна храна ќе може да се причестат, по објавувањето на радосната вест за Христовото воскресение.

  • „Верниците во текот на денешниот ден, поминуваат и се поклонуваат на гробот. Според нашата традиција носат црвени јајца. И денеска продолжуваат со строгиот пост и оваа е единствената сабота во годината која е во строг пост“ вели Отец Стевчо од скопскиот соборен храм.

Околу 20 часот ќе пристигне и благодатниот оган од Ерусалим. За прв пат оваа година, по влегување на МПЦ-ОА во канонското единство, македонска делегација присуствуваше на преземањето на благодатниот оган.

  • Ова е историски чин кој се случува веднаш по воведувањето во канонско единство и признавање на нашата света црква, ова е прва година во којашто директно од Храмот со благослов на Патријархот Ерусалимски, ќе можеме да го преземеме огнот и да го однесеме во Македонија“ – рече Спасовски.

Централното објавување на Христовото воскресение ќе биде во скопскиот соборен хран Свети Климент Охридски каде ќе богослужи поглаварот на Македонската Православна Црква- ОА, г.г. Стефан.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста