Велика Британија и светот денеска ја испратија Кралицата Елизабета Втора до нејзиното вечно почивалиште

Велика Британија и светот се простија од Кралицата Елизабета Втора. Јавните церемонии за погребот на кралицата кои започнаа претпладнето завршија вечерва со богослужба во капелата Сент Џорџ, по која таа беше погребана во присуство на најблиските членови на кралското семејство. Деталите за овој чин на кој му претходеше последното испраќање во црквата каде беа присутни 800 луѓе не се споделуваат со јавноста. Бакингемската палата соопшти дека станува збор за „длабоко личен семеен настан“.

Од ковчегот на Кралицата беа отстранети државната круна, топката и жезолот. Овие церемонијални традиции го симболизираат крајот на владеењето на кралицата, додека таа за последен пат се разделува од својата круна.

– Се собравме да ја довериме во Божји раце душата на неговиот слуга кралицата Елизабета. Овде, во капелата на Свети Џорџ, каде што таа толку често се поклонуваше. Ја паметиме како некој чија едноставна, но длабока христијанска вера даде толку многу плодови, рече бискупот на Виндзор Дејвид Конер кој ја водеше богослужбата.

Ковчегот на Кралицата беше спуштен во кралската гробница, а беа изговорени и сите нејзини титули. Нејзиниот личен гајдаџија го отсвире својот последен поздрав до неа, додека ковчегот се спушташе во гробницата. Хорот на капелата Свети Џорџ ја изведе и британската химна „Боже чувај го кралот”

Илјадници луѓе во жалост и тага го испратија својот последен поздрав до Кралицата додека ковчегот со Елизабета Втора пристигна во замокот Виндзор, нејзиното последно почивалиште.

„Да, тоа е многу тажен ден, но ние сакавме да бидеме тука, таа значеше многу за целата земја, па ни е мило што можевме да дојдеме овде барем во мал дел да и кажеме Благодарам.

.

Се чувствувам емотивно, знаете, убаво е што сме тука но во исто време е толку тешко. Гледајќи во живо, ковчегот, војниците што поминуваат, сепак е убаво да и се приреди вакво испраќање.

.

„Само Англија можеше да го направи ова, само Англија можеше да направи нешто толку организирано како ова. Тоа е брилијантно.”

Кралот Чарлс III и Камила си заминаа после церемонијата, со што и официјално заврши јавниот дел од прошталната служба на Кралицата. Државниот погреб на Кралицата Елизабета Втора го следеа стотици милиони луѓе ширум светот. Близу 500 државници, претседатели, премиери, кралски семејства беа присутни на последното испраќање. Од Македонија, во Лондон беше претседателот Стево Пендаровски со својата сопруга. 

Бојана Златкова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста