Велигденски честитки од државно-политичкиот врв

Пораки за благосостојба, мир, сплотеност, единство, инспирација за добри дела, неизбежната победа на доброто врз злото – испрати политичкиот и државниот врв на Македонија по повод празникот над празниците – Христовото воскресение, Велигден. Шефот на државата Стево Пендаровски порача на овој празник да внесеме  светлина и топлина во нашите животи, спротивставувајќи се, на сите кризи, проблеми, и искушенија.

Празникот, на христовата победа – над смртта, има посебно место, во срцето на секој христијанин, и инспирира – вера, надеж и љубов. Посакувам, овие празнични денови – да се посветиме, на најблиските, и да даруваме насмевки, ведрина и оптимизам, заедно да придонесеме – за просперитетот, напредокот, и благосостојбата на нашата татковина, најискрено се надевам, дека Велигден, ќе ни донесе – добра мисла, оптимизам, и инспирација – за правење добри дела – порача претседателот Стево Пендаровски.

Постевме заедно, иако на друг начин и со различно времетраење, споделувавме ифтарски трпези заедно, со негување на обичаите и традицијата, како што било и убеден сум ќе биде и во иднина.

Заедно можеме и да гладуваме, и да јадеме, и да се насмееме и да си ги споделиме тешкотиите низ кои што поминува човештвото. Само така сплотени можеме да носиме одлуки кои ќе значат напредок и развој на Република Северна Македонија, нејзина економска и енергетска безбедност и безбедност на нашите граници и граѓани – порача претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Премиерот Димитар Ковачевски кој присуствуваше на утринската Воскресна литургија на граѓаните им посака мир, спокој, а пред се здравје и напредок на личен и професионален план.

Победата на животот над смртта што ја симболизира Велигден, е силна порака за успехот на храбрите одлуки, кога се носат со искрена верба во заедничкото добро. Во овие времиња на војна на европскиот континент и на светска економска и енергетска криза, повеќе од потребна е обновата на гласот на совеста кај секого и издигнување над лични интереси, со цел заедно да ги осигураме просперитетот и перспективите на сегашните и идните генерации. Како што покажува и овој празник, исправниот пат ја искушува вербата, за да ја зацврсти волјата со којашто единствено можно да се постигнат колективниот мир и благосостојба – порача премиерот Димитар Ковачевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски порача да ставиме крај на неправдите и болката што предизвикуваат заеднички страдања

Заедно да се избориме за нови стандарди! Друга опција немаме, и ова е Македонија за која се бориме. Ова е Македонија во која веруваме! Да ги кренеме главите, и да покажеме што можеме. Со срце, со ум.  Заеднички. За неповторливата шанса на нашата генерација. Добрината и љубовта нека биде водилка во вашите срца, а светлината и топлината нека бидат присутни во сите наши домови – порача претседателот  на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

И покрај сите овие пораки, на граѓаните и натаму останува да веруваат и се надеваат дека политичарите го мислат тоа што го кажуваат, дека повеќе ќе работат во интерес на граѓаните, и вистински ќе се посветат сите да се обединат и заедно да го дочекаат подоброто утре.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста