„Ванчо Мијахлов„ не го дава името и ќе и пркоси на Македонија – решението за клуч на врата ќе го чека новиот министер

“Ванчо Михајлов“ треба да добие клуч на врата. Претседателот на клубот Љупчо Ѓорѓиевски, и покрај тоа што е веќе истечен рокот, одбива да го тргне контроверзното име. Во краток разговор со Алфа тој само кажа дека не поднел никакво барање до Централниот регистар за да го смени името на познатиот фашистички соработник од називот на клубот. За разлика од него, „Цар Борис трети„ ќе биде преименуван, но засега претставниците на овој клуб се недостапни да соопштат кое ќе биде новото име. Според новиот закон, процедурата сега предвидува посебна комисија да ги разгледа имињата, и доколку тие се спорни, како во случајов, да му предложи на министерот за правда да бара од регистарот тие да бидат избришани. Рокот за затворање е 30 дена, односно до 16 март. Премиерот Ковачевски денеска потврди дека клубовите може да продолжат со работа, но само доколку се пререгистрираат.

Проблемот што сега се појавува е што во моментов немаме министер за правда, ниту пак заменик министер така што нема кој да го потпише решението за укинување на клубовите. Комисијата составена од 5 члена може да заседава и да донесе мислење, но се додека Собранието не го изгласа Кренар Лога од Алијанса за нов министер процедурата за затворање на клубовите не може да се истера до крај во предвидениот рок. Тоа може да му даде шанса на Ванчо Михајлов да поживее уште малку. Освен што одбива да го смени името, Ѓорѓиевски најави дека планира да ја тужи државата пред меѓународниот суд во Стразбур. За разлика од него, претседателот на Здружението „Цар Борис Трети“ уште пред шест дена поднел барање од Централниот регистар за усогласување на работата на Здружението со новиот Закон,кој забранува, граѓански здруженија, фондации и политички партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, третиот рајх итн.

Во обид да ги смири Бугарите во Македонија, министерот Бујар Османи вчера се сретна со нивни претставници, но наводно не разговарале за клубовите, туку за нивната посета на Брисел каде се жалеле наводно биле лошо третирани во Македонија.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста