Буџетот утре на Пленарна седница – за власта развоен, за опозицијата расипнички

Историски најголем, но и со најголемо задолжување. Вака е скроен предлог – буџетот за следната година во кој е проектирано Македонија да се задолжи за дополнителни 700 милиони евра односно дефицит од 4.6%.

Министерството за финансии очекува да собере речиси 15% повеќе пари споредено со годинава, најмногу поради воведувањето на даночната реформа. Останува нејасно што точно ќе се менува и кои давачки ќе се воведат или зголемат, бидејќи деталите се најавени за крајот на месецов. Се знае само дека треба да се соберат плус 76 милиони евра од граѓаните и стопанството. Во игра е прогресивниот данок, одданочување на штедните влогови, придонеси за хонорарци, укинување на некои повластени стапки на ДДВ. Од вкупно 4,6 милијарди евра кои треба да се соберат во државната каса, само на даноци отпаѓаат 2,6 милијарди евра. Од нив половина треба да се наплатат од ДДВ или речиси 15% повеќе само од овој вид на данок. 431 милион евра треба да се соберат од данок на личен доход или 17% повеќе од 2022, 239 милиони евра од данок на добивка што е зголемување за 21 милион евра, а повеќе пари треба да има и од акцизи и царини.

На расходната страна убедливо „бодат очи“ капиталните инвестиции прокетирани на историски највисоко ниво од 800 милиони евра. Тоа е за 200 милиони повеќе во однос на ребалансот и дури 300 милиони повеќе од првично планираното за годинава. И покрај тоа што експертите критикуваат дека се работи за нереална проекција и „напумпана сума“ од која сигурно ќе се крати во првата прилика, сепак Владата сака да потроши рекордно најмногу за Коридорот 8, за делниците Тетово – Гостивар – Букојчани, како и Проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан, за Коридорот 10 за делницата на автопатот Прилеп – Битола. Пари ќе има и за железницата до Бугарија која екстремно бавно се гради и претрпе голем застој, а финансии треба да има и за колекторскиот систем Охрид-Струга, за водовод и канализација, гасификација, Хидросистемот Злетовица и друго.

Владата не планира да штеди на плати во администрацијата. Напротив, буџетот за оваа намена се зголемува за 27 милиони и ќе се потрошат рекордни 567 милиони евра за платите на буџетарите.

Зголемен е буџетот на Владата која во 2023-та ќе потроши 300 милиони евра. Од овие пари треба да се одвојат 236 милиони евра за мерки за помош на граѓаните и фирмите.

Поголеми буџети имаат најголем број од министерствата. Сепак, пари се скратени токму од едно од најважните, она за Труд и социјала кое има најголем буџет од 868 милиони евра и од кое се подмируваат социјалните категории на граѓани. Помалку пари има за министерството за економија, земјоделство, Платежната агенција од која се даваат субвенции за земјоделците.

Жестоки реакции веќе предизвика и буџетот на Министерството за образование и наука. Во него се предвидени за една третина помалку средства за реновирање на студентските домови, како и за студентски стандард.

За 10% се зголемува сумата за пензии, но драстично растат и трансферите од централнмата власт кон Фондот кои догодина ќе достигнат 554 милиони евра, што е за речиси 60 милиони повеќе од годинава. И Фондот за здравство ќе добие повеќе пари од централната власт, трансферите ќе изнесуваат 68 милиони евра.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста