Бугарско знаме на споменик на Гоце Делчев среде Скопје: Нови провокации од бугарската „Фондација Македонија“

Бугарско знаме на споменик на Делчев среде Македонија, поточно во Градскиот парк во Скопје. Бугарските провокации продолжуваат од сите страни. Сега во главна улога „Фондација Македонија“ од Софија. Тие ставајќи го знамето крај Гоце, се пофалија дека го исчистиле споменикот.

-Фондација Македонија повторно го исчисти споменикот на Георги Делчев во Скопје, пишува „Фондација Македонија“.

Прв човек на оваа организација е Виктор Стојанов, кој во своето последно видео обраќање на Фејсбук се пофали дека веќе имале повеќе од 100 активисти, а повика и други да се приклучат. Најави и дека деновиве во Македонија ќе пристигнеле луѓе кои ќе ја шират нивната кауза.

-Пишете ни за да вклучите во нашите иницијативи во Македонија, да патувате кога ќе можете со нас. Пак кажувам веќе имаме луѓе таму, други тргнуваат наредните денови, не сакам да посочам точно кој кога, бидејќи ќе има тенденциозно однесување кон нив на границите од страна на граничните власти на Македонија, изјави Стојанов.

Инаку, „Фондација Македонија“ последен пат беше актуелна пред неколку месеци кога низ Скопје ги залепи налепниците дека сме биле еден народ со Бугарите. За тоа се пофалија и на Фејсбук.

-Фондацијата Македонија подготвува 10.000 шарени лепливи стикери кои ќе изгледаат вака: Нашите активисти ќе лепат стикери по улиците на сите градови во Македонија . Нема правописна грешка, само натписот е МК норма на бугарскиот јазик, велат од Фондација „Македонија“.

Виктор Стојанов, на јавноста првично и стана познат лани, кога преку социјалните мрежи нудеше на подарок бугарски книги на македонски граѓани. Акција за која се фалеше и со видеа на социјалните мрежи, потенцирајќи дека станувало збор за бугарски народни песни од Браќата Миладиновци.

-Здраво, пристигнавме во Скопје, зад мене се книгите, тука имаме луѓе кои чекаат да ги земат. Сега ќе ги растоварам и ќе отидам во уште неколку градови каде што ќе ги растоварам книгите. Сите книги ќе бидат дадени на 920 луѓе, 920 книги бугарски народни песни од Браќа Миладинови, вели Стојанов.

Како и за многу други потези и за овие на „Фондација Македонија“ повторно молк од македонските власти, на многу пати досега поставените прашања дали ќе реагираат, како по обичај одговор никогаш нема.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста