Бугарското вето преку Франција сега стана европско: Македонските политичари направија историска грешка со францускиот предлог

Македонија со француско покровителство доби потврда на она за што експертите одамна предупредуваа, дека бугарското сега стана европско вето кое ќе ни го испорачува Брисел, додека не ги прифатиме сите бугарски барања. По сите предупредувања ова ни го порача и евроамбасадарот во земјава Дејвид Гир. Вели на нас била одлуката дали ќе ги внесеме Бугарите во Уставот, но и ни порача дека без такво нешто нема да имаме светла европска иднина.

-Но што ќе се случи ако не оди напред. Мислам дека најверојатното сценарио ќе биде преговарачкиот процес да запре таму. Ќе го завршите скринингот, но одржувањето на меѓувладината конференција и следните чекори ќе го чекаат решавањето на ова прашање бидејќи и следните чекори ќе го чекаат решавањето на ова прашање, ни порача Гир.

Поранешниот амбасадор во Велика Британија, Ристо Никовски за Алфа вели дека Ковачевски и Османи направиле историска грешка со прифаќање на предлогот на Макрон, грешка од која и во иднина ќе ги гледаме последиците.

-Нашите политичари направија историска грешка што прифатија место Бугарија да не блокира, како што беше до пред француската ујдурма, сега самите себе ќе се блокираме. Тоа е една невидена грешка. Македонија се доведе во безизлезна ситуација со францускиот т.н. предлог, вели Никовски.

Никовски е на ставот и се откриле лагите на власта, дека сите не сакале, само Бугарија била проблемот.

-Сите залажувања на нашите политичари дека освен Бугарија, 26-те колку се други членки не поддржувале се покажа дека не е точно. Никој не излезе во наша поддршка, сите велат сакаме да ве примиме, да тоа не е спорно, меѓутоа на кој начин? Преку францускиот предлог, францускиот предлог дефакто е катастрофален за Македонија и ветото од бугарски раце влезе во македонски, изјави Никовски.

Она што ни го претстави Гир е сосем обратно од она кое што пробува да го продаде власта. Факт е дека Македонија доби меѓувладина за сликање, а реалните преговори ќе ги започне дури по евентуалната промена на Уставот.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста