Бугарските клубови никогаш не беа проблем за Македонија, освен оние со имиња на фашисти

Бугарските културни центри никогаш не би претставувале проблем ако не беа именувани по контроверзните имиња според историските факти. Бугарски здруженија со години постојат во Македонија и никогаш не биле спречени во остварувањето на своите цели, но не се именувани со „Иван Михајлов“ и „Цар Борис Трети“. Свесно и намерно се отвораат нови клубови и се именуваат со историски ликови кои придонеле само во негативна конотација, како намерни провокации- дециден е аналитичарот Благојче Атанасовски.

  • Јас апсолутно сметам дека свесно,намерно, насочено, се ставаат вакви имиња за да се предизвика негативни реакции во јавноста, јавноста да биде сензибилизирана, негативно да реагираа, дури мислам дека намерно го прават за да предизвикаат кршење/оштетување на тие здруженија бидејќи вие неможете да го контролирате бесот на одредени луѓе, и покрај тоа што не треба да се искрши. Но, мислам дека ние како народ сме биле многу толерантни доколку станувало збор за ликови од т.н. заедничка историја“ коментира за Алфа, Благојче Атанасовски- аналитичар.

Има многу имиња вели Атанасовски кои вистински придонеле за културата во Бугарија, а по потекло се од Македонија. Со такви имиња ниту едно здружение или културен центар не би бил неприфатен од македонскиот народ.

  • Некои историски личности кои нема да ги повредуваат нашите чувства и емоции, можеа да бидат искористени и да бидат именувани овие клубови. Ова се прави намерно, за да има тензии, да бидеме обвинувани од официјална Софија, или од некои претстасвници на политички партии, дека не ги почитуваме правата на Бугарите во Македонија и да не можеме да го продолжиме патот кон Европската Унија“ вели Атанасовски.

И бугарскиот историчар Иван Илчев е на иста линија. Ниту еден клуб на Бугарите во Македонија нема да биде негиран ако е именуван со неутрално име кое ќе претставува мост на соработка.

  • Можам да разберам, но не можам да го оправдам отварањето на културниот клуб кој го именуваш со името Цар Борис Трети, а притоа да не очекуваш дека  ќе предизвика остра реакција. Тоа е како да фатиш куче за опашка и да се изненадиш кога ќе те касне. Нема како. Имаше можност овие клубови да се именуваат со други, неутрални имиња“ вели Иван Илчев – бугарски историчар.

Грешка е на Македонија што дозволила да има законски вакум простор за да денеска се најдеме во една ваква ситуација. Неопходно е итното донесување на закон, вели Атанасовски, што треба да се стави крај на тензиите и провокациите. Предлог законските измени на ВМРО-ДПМНЕ стигнаа до собраниска расправа, кои пратеничката група ги поднесе на 7-ми октомври. Со предлог измената и дополнувањето на Законот за здруженија и фондации, од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека ќе се спречи идно формирање но и реакција на веќе постоечките регистрирани здруженија во земјава.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста