Бугарските здруженија во Македонија бараат да бидат во работната група за уставните измени

Претставници на бугарските здруженија во Македонија бараат да бидат вклучени во работната група за уставни измени, јавува бугарската новинска агенција БТА.

Како што се наведува, во писмо до премиерот Димитар Ковачевски, тие го поздравуваат создавањето на работната група, која ја оценуваат како чекор напред кон решавање на прашањето за вклучување на Бугарите во преамбулата на Уставот на земјата, со што, се гарантираат правата и слободите на претставниците на Бугарите во земјата, според основниот закон.

Потписниците на писмото бараат од Ковачевски да предложи во работната група да се вклучат и претставници на Бугарите во Македонија, за, како што велат, да го дадат својот конструктивен придонес во работата.

„Со донесувањето на Уставот во 1991-та година, а подоцна и со сите амандмани, беше направена голема историска неправда и бугарскиот народ беше изоставен од преамбулата. Оваа историска неправда ќе се исправи за да ги уживаме сите права и слободи“ се наведува, меѓу другото, во писмото.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста