Бугарска струја преку грчка територија ќе ја спасува Македонија

Бугарска струја преку грчка територија ќе ја спасува Македонија. Откако неуспеа да го сработи она што го преспа дома, власта ќе не спасува од темница со помош на соседите. По Софија, премиерот денеска спасот го бараше и во Атина, каде добил уверување дека немало да извисиме. Попатно најави дека имало интерес, кај нас да се инвестира во изградба на гасна централа.

Соседните држави ќе ја спасуваат Македонија со струја, зашто земјава по се изгледа го преспа периодов додека другите држави работеа на стратегија за ублажување на енергетската криза, алармира стопанството. Последна што се пондуи на помош е Бугарија, која треба да ни испорача струја како поткрепа на бизнисот, но тука има прашања околу цената и транспортот кои допрва треба да се решаваат. Премиерот Димитар Ковачевски кој среде енергетска криза се растрча низ регионот, сега е во Грција да обезбеди поволни услови за испорака на струја. Таа од Бугарија кон Македонија ќе се испорачува преку интерконекторот во Грција, а деталите допрва ќе ги кажат работни групи, наредниот период.

Ковачевски од Атина најави и инвеститор кој сака да гради гасна централа во Скопје со капацитет до 200 мегавати, за производство за струја.

  • Грчки инвеститори планираат да инвестираат во големата гасна централа со капацитет до 200 мегавати во Северна Македонија. Анализите се во тек, по што оваа голема инвестиција треба да биде претставена пред Владата и во Собранието како стратешка инвестиција која ќе треба да обезбеди дополнителни количини на електрична енергија за Македонија, меѓутоа и за регионот. Постигнавме договор со Република Грција за непречено снабдувањето со лигнит и јаглен од рудниците во Грција во текот на четвртиот квартал од годинава и првиот квартал од наредната година за непречено работење на РЕК „Битола” и РЕК „Осломеј”, изјави македонскиот премиер Димитар Ковачевски по средбата во Атина со неговиот грчки колега Киријакос Мицотакис.

Покрај Бугарија, на последниот самит за Западен Балкан и Србија се пондуди да ни помогне со струја и гас, но и Албанија ќе помага со јаглен кој ќе се користи за термоелекраните во Битола и Кичево.

Дотраените енергетски капацитети и инвестициите кои со години ги нема, се една од причините за тоа што сме доведени до ова дереџе. Ако се работело домаќински, според опозицијата, немаше да бидеме во ваква зависна состојба. Струјата од соседството е добар чекор, но само ако е насочена за индустријата, вели првиот човек на најголемата Стопанска комора.

  • Ние како Комора, ги третираме сите прашања кои се од значење за бизнисот. На состанокот разговаравме за тоа дека енергетската криза сигурно ќе потрае уште една година и дека за неа треба да се припремаат. Можам да кажам дека за голем број прашања делиме исти ставови што значи дека најголемата бизнис заедница и опозициска партија имаат свои заеднички ставови по прашањата на актуелните состојби, рече претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески.
  • Струја има, но прашањето е дали ние имаме доволно пари да ја купиме таа струја. И енергетската криза во еден момент ќе стане економска криза. Јас пресметав и тоа го образложив на овој состанок дека под услов да работат трите блока во РЕК Битола, да работат двете турбини во Неготино, хидроцентралите и ТЕЦ Осломеј, ние дневно во одредени периоди ќе трошиме по половина милион евра за набавка на електрична енергија која што ќе недостасува. Затоа што ние нема да можеме да произведеме 1.400, 1.500, 1.600 мегавати, онолку колку што и се потребни на Македонија. Ние зборуваме само за оној конзум кој што го има ЕВН Хоме. Ние не зборуваме за стопанството кое што е оставено да се справува самото со себе, појасни Мицкоски.

За ублажување на енергетската криза, стопанството вели дека под итно е потребен нов економски договор и свртување кон реалните проблеми, зашто кризата покрај оваа тешка година, ќе трае и до средината на наредната година.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста