Бугари во Македонија: Се надеваме дека новата влада во Софија ќе остане на црвените линии за Скопје

Нова стабилна влада или пак нови избори, но и натаму да останат цврстите ставови кон Македонија од новиот премиер и парламентарното мнозинство во Софија очекуваат Бугарите кои живеат во Скопје. Денеска гласаа на предвремените парламентарни избори, по 4-ти пат последнава година и пол.

Бугарската амбасада е една од локациите каде денеска Бугарите гласаат за нова влада во Софија. Сликата од тоа како си го остваруваат своето право на глас ја немаме затоа што претседателката на изборната комисија ни кажа дека фотографирањето и снимањето на избирачкото место е забрането. 

Бугарите во Скопје кои се пријавија онлајн, гласаат во Бугарската амбасада, а такви беа девет. Таму своето право на глас го остваруваат и вработените и пријавените бугарски граѓани. Гласачите со поделени мислења, дел очекуваа формирање стабилна влада и конечен излез од кризата, други пак се со став дека сега нема да се формира влада па очекуваат пак да гласаат, ама има и такви кои се надеваат дека Бугарија ќе си остане доследна на црвените линии во однос на Македонија и нема да отстапи.

Во цела Македонија, беа пријавени 181 лица за гласање. Најмногу во Прилеп – 46, потоа во Кавадарци, па Велес, потоа Струмица, Скопје, Охрид и Штип.  

Последната коалициска влада на Кирил Петков успеа да се задржи на тронот само седум месеци. Сега, во трка за повеќе места во 48-мото Народно собрание на Бугарија се 29 партии и коалиции.

Но сепак, прогнозите за формирање стабилна влада во Бугарија по изборите се песимистички, бидејќи се во време на економска и енергетска криза кај источниот сосед, меѓународни случувања и војната во близина на границите на земјата. Политичките аналитичари оставаат голема веројатност да се формира експертска влада во Бугарија, која би функционирала една година.

Од друга страна, анкетите покажуваа сигурен влез во парламентот на шест политички формации – ГЕРБ на Бојко Борисов и СДС, Продолжуваме со промените на Кирил Петков, БСП, ДПС, Преродба и Демократска Бугарија.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста