Бугарија контра Бугарија: Пред шест децении го признале македонскиот јазик кој сега не го признаваат

Бугарија контра Бугарија. Официјална Софија денес не го признава она кое што го признала пред шест децении. Тогаш за нив постоел македонскиот јазик, кој што пак сега не го признаваат. Тоа е запишано и потпишано во билатерална спогодба од 1956-та година, која е составен дел од правниот систем на Бугарија.

Шест децении подоцна источниот сосед сам оди против она кое што го потпишале. За нив сега македонскиот јазик не постоел.

-Бугарија не отстапува во однос на ставот за официјалниот јазик на Република Северна Македонија. Целосно ја почитуваме одлуката на Народното собрание, според која Бугарија не го признава овој јазик. Во контекст на преостанатите 26 земји-членки, сепак, тие имаат свои позиции и ние никако не можеме да ги обврземе да го прифатат нашиот став. Но, бугарската позиција е загарантирана во целата преговарачка рамка, изјави Теодора Генчовска, министерката за надворешни работи на Бугарија.

Во моменти кога може да се каже трае битката за македонскиот јазик, нашите власти како да ги рушат позициите на Македонија. Барем ако ја земеме едностраната изјава во однос на јазикот. Оваа декларација на нозе ги крена сите македонисти, но тоа не беше причина МНР да размисли за промени или повлекување на овој официјален став на земјата.

-Во согласност со форматот на унилатералната изјава, даден е кус осврт поврзан со кодификацијата на литературниот македонски јазик и неговата заснованост на специфичниот развој на дијалектите кои се земени како основа за кодификацијата и кои биле распространети на територијата на денешна Република Северна Македонија, а тоа се централните говори на западното македонско наречје односно говорите на оската Битола – Прилеп – Велес – Кичево, стои во соопштението на МНР.

Според македонистите најголем проблем од декларацијата е ограничувањето на македонскиот јазик во границите на сегашна Македонија. Тие се на ставот дека македонските дијалекти постојат и надвор од земјава. Сепак, наместо некаква промена во едностраната изјава, Владата преку официјално соопштение го правдаше МНР.

-Како што е пропишано во Уставот на Република Северна Македонија, македонскиот јазик, заедно со своето кирилско писмо, е службен јазик на Република Северна Македонија на целата територија на државата и во нејзините меѓународни односи. Литературниот/стандардниот македонски јазик конечно е кодифициран во 1945 година, како резултат на подолг процес на културна и писмена активност, велат од Владата.

Непознато е и воопшто кои се автори на оваа еднострана изјава. Токму на таа тема поставивме прашање до МНР, но и трет ден веќе одоговор нема. Единствено што не информираше ПР службата на Османи е дека го примиле прашање, а одговор ќе имало кога ќе го добиеле.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста