Бугарите сакаат пак да не земат – стогодишник од Караорман порачува: не ја давајте Македонија

„Да сум малку помлад и јас би го виорел македонското знаме пред Собранието во Скопје„ со овие зборови не дочека стогодишниот старец Ристо Насков, од штипски Караорман. Тој е еден од малкуминита кој се уште во прво лице може да зборуваат за историските факти.. Се уште со бистар ум, од пред телевизор ги прати сите настани  поврзани со идентитетот, името, Францускиот предлог. Голема грутка на душата му се прави кога ќе слушне Северна Македонија, раскажува овој старец кој за шест месеци ќе го прослави својот стоти роденден.

„Многу ми е криво! Бугарите сакат пак да не земат. Ние се боревме. Многу жртви дадовме за Македонија„ – вели Ристо Насков

Сите што загинаа ги воскреснавме и повторно ги погребавме, а Бугарите беа окупатори, се присетува овој старец, на кој периодот од 1942 до 1945 ќе му остави спомени и траги кои ќе го прогонуваат во текот на целиот живот. Се сеќава на партизанката која  во знак на солидарност да не оди бос по снегот, му ги дала нејзините чизми. Тага и горчливост му навираат од  времињата кога биле немоќни да си ги заштитат сработените жито и волна, но и кога ги тепале со бугарски опасач секогаш кога ќе кажат дека се Македонци.

1942 беше најлоша. До 1945 беше многу тешко. Многу тепаа, силуваа. Не смеевме да се кажеме дека сме Македонци. Се кажувавме Бугари. И сега гледаш, велат дека нема Македонци таму„-објаснува Ристо Насков.  

Седнати под длабоката сенка нашиот соговорник не води низ мрачната историја. Раскажува за теророт врз населението. Вешто се присетува кога посилните ги носеле да пробиваат карпи за да се направи пат. Вели, цел ден работеа на каменоломот, а за возрврат добиваа само корка леб. Тешка судбина имаа и штипските Евреи. Откако ги депортирале, им ги продадоле имотите и се она што го оставиле во домовите во кои никогаш нема да се вратат.

„Со каиши тепаа. Тогаш Евреите ги собраа. Им зедоа се! Им ги продадоа чаршафите, целиот имот. Ги собраа парите и ги однесоа во Бугарија„ – раскажува Насков

Ристо  успеал да се спаси од бугарската регрутација, но не и брат му Симеон, кој се уште е жив и има 103години. Тој избегал во партизани, а брат му по три години служба успеал да дезертира од бугарската армија. Тој  е еден од тринаесетмината од 14 Бригада кои успеале да се спасат од крвопролевањето на Сремскиот фронт. Вели, има многу да се раскажува за храброста на илјадници знајни и незнајни борци кои се жртвувале за Македонија. Овај стогодишен старец ни порачува да си ја сакаме земјата, бидејќи само таа ќе ни остане.

Александра Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста