„Брат за брат, сирење за пари“: Сликовит пример за односот на поранешните премиери Заев и неговиот „брат“ Борисов

Шампион, брат, најдобар пријател. Сите овие титули од Зоран Заев ги доби Бојко Борисов, првиот бугарски премиер кој го блокираше европскиот напредок на Македонија, со порака дека ако не ги прифатиме сите бугарски уцени и условувања, нема ЕУ за нас. Понизноста кон источниот сосед премиерот почна да ја покажува кога добивме покана за членство во НАТО, за што го променивме името на државата. Сепак според Заев, такво сценарио немало да биде возможно без помошта од Борисов.

-И еве конечно добивме датум за почеток на преговори со Европската Унија. Истовремено пред неколку седмици, конечно ја добивме поканата за членство во НАТО. Тоа немаше да биде возможно без поддршка на Република Бугарија, премиерот Борисов и Владата на Република Бугарија. Со тоа покажавме чисто како се гради пријатели, изјави Заев.

Умилкувањето кон Борисов продолжи и кога тој веќе не беше на функција премиер на Бугарија. Заев при посетата на неговиот партиски штаб му подари, како што самиот го нарече шампионски подарок.

-Прво за шампионите да дадам еден шампионски од Америка пури, му кажа Заев давајќи го подарокот.

-Тие пури радо би прифаќам. Пури коњак, покажува симболика, се заблагодари Борисов.

За на истата таа средба да му се заблагодари што воопшто нашол време да се сретнат.

-Прво ти благодарам Бојко брат мој, што најдовте време да се сретнеме. Јас можам само да потврдам дека да не беше Бојко Борисов, Владата на Бојко Борисов, со Екатерина, сите заедно, ние можевме само да сонуваме да се договориме за прва меѓувладина конференција со Европската Унија.

Не само кон Борисов, поранешниот премиер беше и повеќе од фин во разговори со Красимир Карачанов, за чии ставови во однос на Македонија воопшто не мора ниту да зборуваме.

-Господинот Каракачанов имаше убав политички и дипломатски однос во неговото обраќање, моја должност е да возвратам на ваков дипломатски начин. Ние сме пријатели, знаеме и во Софија, и во Струмица, и во Скопје да пиеме по една ракија, по едно кафе, по еден чај, зависи кога се гледаме, изјави Заев.

По стапките на поранешниот премиер тргнаа и други политичари, па дури и македонскиот претседател Стево Пендаровски. На еден несекојднавен начин на Борисов му испрати поздрав од Заев.

-Љубави како си ми, кажа Пендаровски.

-Многу добро, му врати Борисов.

-Еј поздрав од Зоки, па Пендаровски испрати поздрав.

-Многу добро! Седи тука со нас бе, го покани Борисов.

Сличен однос кон Борисов имаше и поранешниот специјален претставник за спорот со Бугарија, Владо Бучковски.

-Вака како што зборувате, ние да останеме уште малку, да го викнеме нашиот премиер, ние сега ќе намериме како вие што велите решение, кажа Бучковски.

Финиот однос сепак остана само од македонската страна, па за македонската власт братот Борисов, не се покажа баш како најдобар дел од семејството.

-Нашето пријателство и братство, кога требаше да им дадеме поддршка – го покажавме. Ние кажавме какви се нашите услови, за да бидат примени во Европската Унија. Тоа не е (по) желба, ако нешто не ти се допаѓа, никој не те кани, велеше Борисов.

Според познавачите на комуниколошката наука ваквиот однос на македонските политичари, го покажува менталниот склоп на македонските политичари, кои се потчинуваат пред странците, па макар и станувало збор за оние од Бугарија, земја која се смета за насјлаба алка во Европската Унија.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста