Борко ќе го тужи МОК во Лозана: Парите што ќе ги добијам ќе ги донирам во РК и ФК Вардар

Борко Ристовски ќе го тужи Македонскиот Олимписки Комитет во Лозана, парите кои би ги добил ќе ги донира во фудбалскиот и ракометниот клуб Вардар. Суспензијата од четири години која му беше доделена на легендарниот голман, може да го чини МОК, меѓу 180 и 230 илјади евра, според правниот тим на Ристовски.

-Одлучивме да поднесеме тужба во Лозана, за меѓународниот суд за спорт за арбитража, тоа ќе биде поднесено во следниот период, во кој што ќе ги издоговориме сите детали. Било кои средства кои што ќе ги добијам од МОК, ќе бидат подарени и доделени како помош на спортски клубови, која и да биде висината, уште од сега најавувам пола ќе ја донирам како помош за РК Вардар, пола како помош за ФК Вардар, изјави Ристовски.

Ристовски го повика Обвинителството да отвори истрага за можни кривични дела сторени од претседателот на МОК Даниел Димевски, за што имале и документи, пред се за закуп на спортски објекти во државна сопственост.

-Од она што ние го знаеме, дека има многу индиции за сторен криминал години наназад. И мојата борба е само и само да се тргнат ваквите луѓе од спортот, значи никако поинаку. За што сакам да кажам дека малку и господинот Даниел Димевски се прецени во своите напади, изјави Ристовски.

Порача дека неговата главна цел е луѓе како Димевски да бидат надвор од македонскиот спорт.

-Не знам со кого си имал работа, но со Борко кој што јас го познавам од мали нозе и како што сум воспитуван до мали нозе, нема да застанам додека тој не го добие местото кое што треба да го добие, тоа е надвор македонскиот спорт за почеток, изјави Ристовски.

Инаку, МОК му додели суспензија од четири години на Ристовски, бидејќи во гостување во „ЗА или ПРОТИВ“ на Алфа јавно говорел против претседателот токму на Олимпискиот Комитет, Даниел Димевски.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста