Борко Ристовски за Алфа: Трагикомична одлука на МОК, без никаква правна издржаност

Трагикомична одлука, без никаква правна издржаност. Вака легендарниот македонски голман Борко Ристовски за Алфа ја коментира одлуката на Македонскиот Олимписки Комитет да го суспендира дури четири години за било каква дејност во олимписките спортови, бидејќи во гостување во „ЗА или ПРОТИВ“ на Алфа, јавно говорел против претседателот на МОК, Даниел Димевски. Ристовски најави дека во наредните денови ќе одржи прес конференција на оваа тема, на која ќе ја открие неговата вистина.

-Не би сакал ништо повеќе да коментирам, од она што веќе цела македонска јавност го знае. Тоа е една трагикомична одлука, која што нема никаква правна издржливост. Меѓутоа да не коментираме повеќе, јас најавив ќе има прес конференција, на која ќе бидете поканети и вие, и ќе ги кажам сите работи зошто всушност се случува ова.

Она што е чудно е што дисциплинската комисија при МОК во својата одлука си дава констатација дека Ристовски во Алфа бил гостин како претставник на политичка партија, иако јасно беше кажано дека тој е поканет во емисијата „ЗА или ПРОТИВ“ како легендарен голман на македонската ракометна репрезентација и актуелен на двократниот европски првак Вардар.

-Мои вечерашни гости се Борко Ристовски, поранешен ракометен репрезентативец на Македонија, во моментов голман и на ракометниот клуб Вардар, гласеше најавата за Борко Ристовски во „ЗА или ПРОТИВ“.

Нешто што изгледа дисциплинската комисија на МОК не го слушнала или не сакала да го слушне.

-Обвинетиот Борко Ристовски одговорен е затоа што како претставник на политичка партија во ТВ Емисија „ЗА или ПРОТИВ“ со изнесување груби лаги, клевети невистини и ширење неточни информации на сметка на Претседателот на Олимписки Комитет Даниел Димевски, кои може да бидат штетни за Олимпскиот Комитет, се вели во одлуката на МОК.

За суспензијата на Ристовски реагираше поранешниот претседател на Кошаркарската федерација, Зоре Темелковски. Вели дека Димевски не смее да ја злоупотребува својата фунцкија во МОК за лични пресметки со врните спортисти.

-Можеме да го сакаме или не Борко, но тој е ракометна македонска легенда. Од тие причини сакам да бидам чесен и објективен како поранешен спортист и спортски работник што не ме остава во целата оваа „приказна“ да останам настрана. Ако човек се прифати да извршува јавна функција, треба да биде свесен дека ќе биде изложен на критика, основана или неоснована, бидејќи секој има право на свое мислење и ставови. За јавно изговорените неоснованите навреди, лаги… постојат судови, порача Темелковски.

Во својата одлука дисциплинската комисија на МОК вели дека легендарниот голман го прекршил членот 17 од дисциплинскиот правилник на Олимпискиот комитет, па добива суспензија од четири години по пријавата поднесена од претседателот на Олимпискиот комитет.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста