„Блупринт“ бара оставка на целокупниот состав на Судскиот Совет

Надежта за оставки од сите членови на Судскиот Совет не умира кај правната фела. За Блупринт групата за реформи во правосудството единствен начин за враќање на довербата и зачувување на интегритетот на Судскиот совет е избор на нов состав на членови избрани во законска и транспарентна постапка. Невладините укажуваат дека сите членови во Советот треба да бидат докажани во својата професија, а оние кои доаѓаат по избор во Собранието да бидат препознаени во правната професија и без никаков сомнеж за нивна политичка поврзаност.

  • Се надеваме дека останатите членови на Судскиот совет ќе го преиспитаат своето досегашно постапување и ќе ја покажат и докажат својата професионална етика и морал како членови со што ќе ја исполнат својата должност кон функцијата која ја вршат и ќе ја поднесат својата оставка по примерот на своите двајца доскорешни колеги. Во моменти кога довербата во судството е на незавидно ниско ниво со понирачка тенденција, неопходно е Судскиот совет на РСМ за да го поврати својот легитимитет согласно Уставот на РСМ да биде наново екипиран како чувар и гарант на самостојноста и независноста на судската власт, со што ќе започне процесот на враќање на довербата пред се на граѓаните но и на судиите кои полагаат отчет кон Судскиот совет на РСМ за своето работење“ велат од Блупринт групата, која ја сочинуваат Македонско здружение на млади правници (МЗМП) * Институт за европска политика (ЕПИ) * Институт за човекови права (ИЧП) * Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС) * Хелсиншки комитет за човекови права * Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА).

Оваа реакција доаѓа по најавата дека двајца членови, Мирјана Радевска Стефкова од Врховниот суд и Зоран Герасимовски од Апелација го напуштаат Советот. Нивните оставки ќе бидат констатирани утре на седница закажана за во 11 часот.  

На истата ќе треба да се распишат избори за нови двајца членови, во Врховниот суд и апелационото подрајче од каде доаѓаат двајца судии во оставка, а и да се избере нов заменик претседател на местото на досегашниот Селим Адеми.

На седницата јавноста и официјално ќе ги слушне причините зошто Радевска Стефкова и Герасимовски го напуштаат Советот, кој е мета на критики во изминатиот период.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста