Битиќи го оправдува зголемувањето на платите од 32% во министерството за финансии

Зголемувањето на платите во министерството за финансии од 32% било малку – тврди Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.  Вработените биле стручни, квалификувани и за да не си заминат во приватниот сектор или да се иселат во друга држава морале да им ги покачат платите. Дури и овој раст на примањата кој ја надминува стапката на инфлација од 20% бил недоволен, бидејќи овие 664 вработени биле чувари на државната каса. Бруто платата ќе се зголеми за речиси 250 евра и ќе изнесува 987 евра. Платата на Битиќи ќе останела иста – уверува Вицепремиерот.

Освен во финансии, најголем раст на платите од 29% има во Министерството за образование и за 15% во министерството за одбрана. Освен министерката Петровска која образложи дека повисоката сума за плати главно е поради вработувањето на 500 нови професионални војници, другите министри не се одважија да ги образложат енормните покачувања на платите. Истовремено, пак, последниве денови предновогодишно „фрчат“ огласи за нови вработувања во повеќе државни институции. Најмногу нови огласи, дури 100 објави Управата за јавни приходи. Вицепремиерот Битиќи вели дека ќе се ангажираат нови инспектори и службеници на местото на веќе пензионираните. Тие ќе се вработат од други органи, но ќе има и нови административци кои ќе го добијат своето прво вработување и плата од државни пари.

Министерот за финансии годинава слабо потпишуваше одобренија за нови вработувања, за да забрза непосредно пред Нова Година. Вицепремиерот Битиќи тврди дека поради пензионираните службеници чии места не се пополнија со нови кадри, администрацијата бројно се намалила, но не знаеше да каже за колку. Според последните податоци јавниот сектор броеше 132 илјади луѓе.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста