Бислимоски контра граѓаните : Повисоките сметки за струја не значеле поскапување

Не била поскапа струјата, туку се работело за усогласување на сумите од старата и новата цена на блок тарифите. Шокот кој го добија граѓаните бил поради тоа што сметката во дел била пресметана по старата цена за блок тарифите која важеше до Нова Година,  а дел по новата цена која е во сила од 1-ви јануари. Првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски уверува дека нема поскапување на првиот блок, а двојното читање на броилата се направило со цел да може да се примени новата цена.

Со цел граѓаните да го искористат тоа право на пониска цена во прв и втор блок, сметките за електрична енергија се поделени согласно закон до 31.12 е една цена, а од 1-ви јануари е друга цена.Има одредени реакции од граѓани во РКЕ, по што се прави корекција, рече Марко Бислимоски претседател на РКЕ.

Граѓаните реагираат дека  броилата не биле читани и им наплатен таканаречен паушал кој ги префрлил во поскап блок.  Бислимоски посочи дека ЕВН како и секоја компанија се соочува со недостиг на кадар и се вложуваат сите капацитети за што поправично читање на броилата. Тој препорачува граѓаните сами да проверат колку електрична енергија потрошиле, по што ЕВН е должна да ги корегира сметките.

За да има отчитување треба да се излезе на терен , нема друг начин. Како и секоја компанија која се соочува со проблем со кадарот се соочува и ЕВН , особено во летниот период одат надвор од државата . За да има што е можно поправично отчитување , се прават корекции таму каде има пшроблем. Секое домаќинство може да ја отчита својата состојба на броилото и таа состојба е обврзувачка за ЕВН да ја имплементира својата сметка, вели Бислимоски.

Од ЕВН  велат дека имале доволен број на отчитувачи, и во целост се почитувало  законоското  отчитување четири пати годишно .  Броило да не биде прочитано се случувало, ама само кога корисникот не бил дома или поради други фактори, како боледувања на вработените, лоши временски услови и слично . Во тој случај ЕВН наплаќа таканаречен паушал по просек од потрошувачка во последната година

Претпоставената фактура не значи по автоматизам повисока фактура за електрична енергија. Истата може да содржи и пониски претпоставени вредности на потрошувачка од реалната во тој месец. Исто така, повисока сметка од очекуваната  може да се должи и на веќе направено порамнување по прочитана состојба, за која претходниот месец била испорачана претпоставена вредност пониска од тоа што било потрошено. ЕВН нема никогаш да наплати повеќе од она што корисникот го има потрошено, велат од ЕВН.

Податоците од РКЕ се дека домаќинствата заштедиле 14 отсто на вкупна потрошувачка во јануари. Новата цени на блок тарифите почнаа да важат од 1- ви јануари кога поскапеа трет и четврти блок а поевтинија прв и втор.  

За граѓаните веќе нема ни дневна евтина тарифа. Евтина струја преку ден можно е да се врати , но според Бислимоски ќе мора да се почека да заврши грејната сезона за да се види дали се задоволуваат домашните капацитети.

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста