Бизнис аларм: Доста констатации, дајте решенија, вели Азески

Стопанството не може да крене глава од ударот на кризата, посебно енергетската, но и се поголемите давачки кон државата. Тешко им е на сите, но најтешко на големите компании кои се оставени да се снаоѓаат сами, а всушност тие ја влечат домашната економија. Преку Стопанската Комора подолг период предупредуваат дека се потребни ефикасни решенија и конкретна поддршка од Владата. Но такво нешто изостанува, за што повторно алармира и првиот човек на Стопанската комнора, Бранко Азески.

Бизнисот продлжува со алармот кон несериозноста од власта и бара конкретни решенија, а не само констатации. Првиот човек на Стопнската комора бара одговорност од државата за лошите економски политики на кои никако да им дојде крајот. Бранко Азески предупредува дека државата ги оставила на цедило големите компании да се снаоѓаат како знаат и умеат и да плаќаат високи цени за струја. Вели дека Македонија се наоѓа во криза од 2008 година, и редно време е на јавноста да чуе конкретен став на прецизен и едностаен начин, за секој да го разбере.

  • Од осамостојувањето пред 31 година, македонската економија оствари раст на Бруто домашниот производ од 1,7%. Јавниот долг се зголеми од 23% во 2008 на 57,5% во првиот квартал годинава. Маневарскиот простор за ново задолжување е стеснет, а државата не успеа да го реформира својот образовен систем спрема потребите на пазарот на труд. Земјата и понатаму е високо зависна од увоз на енергенси и со тоа подложна на силни ценовни удари, без потребната алтернатива, алармира претседателот на Стопанската Комора, Бранко Азески.

Ваквите неповолни состојби во економијата во значаен дел се должат на нефункционирањето на правната држава, непочитувањето на пазарните законитости, политизацијата и доминација на партиските над државните интереси. За излез од кризата, од Комората нудат конкретни решенија.

  • Декларацијата што ја донесовме во Стопанската комора на 14 јули 2022, а потпишана од над 300 компании членки, МАНУ, сите државни универзитети и бизнис асоцијации, сега да биде прифатена и потпишана и од парламентарните партии кои имаат свои пратенички групи во Собранието. Убедени сме дека на тој начин би се заокружиле сите релевантни чинители во градењето на економските политики кои ќе се согласат дека во наредните 10 години приоритет ќе има економијата. Дека сето ова ќе се спроведе, гаранција ќе биде склучувањето на посебен договор меѓу јавниот и приватниот сектор. Со договорот ќе се регулираат меѓусебните односи со кои, пак, ќе се трасира патот кон првиот консензус за прогрес на државата, во кој бизнисот ќе има централно место, завршува Азески.

Ако власта остане глува на овие аларами според Азески нема да престане одливот од млад и образован кадар, а тешко дека ќе се ублажи и инфлацијата. Стопанствениците не сакаат предвремени избори, зашто тоа наместо да и помогне, и создава дополнителна штета на економијата.  

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста