Бизнисмени: Замрзнатите маржи нема да го спречат растот на цените, Владата мора да покаже сериозност

Замрзнатите маржи на основните производи ја губат битката со растечката инфлација во Македонија. Нема ден, а на полиците во маркетите да не наидеме на цени, повисоки од вчерашните. Тоа што ние како граѓани го забележуваме, го потврдува и бизнисот. Оттаму велат – дека маржите се немоќни пред инфлацијата, затоа што постојано растат трошоците за производство, а Владата е единствената, која може да го спречи, или ублажи ценовниот раст.

Ниту намалените маржи на производите, ниту ветувањата од власта дека работеле на ублажување на ценовниот шок – не може да ги намали цените на производите кои заминаа до плафон. Бизнисмените велат дека реалното поскапување стаса и до 100% а од Владата лежерно од височина само анализираат без да конкретзираат. Од бизнис конфедерацијата на Македонија за Алфа велат ако државата не покаже сериозност, ништо живо не може да помогне во ублажување на скапотијата која народот го доведува до питачки стап.

Ако трошоците за производство растат, ќе се зголемува и нивната цена.. Само маржата која трговците ја наплаќаат ќе биде ограничена на 5 односно 10%, и тоа само за основните прехранбени производи.

И со замрзанити маржи на трговците, цените на производите ќе одат нагоре, алармира бизнис заедницата. Според нив, најавениот антикризен пакет за помош на стопанството и граѓаните е задоцнет, и тешко дека ќе има видлив ефект.

  • Цената на еден производ не се состои само од маржите, за да може да се влијае на производот, тука има и други трошоци кои го прават целокупниот износ на еден производ. Благодарност за добрата намера за замрзнување, намалување, контролирање на маржите, производите драстично се зголемуваат, за тоа сме сведоците сите – ние, вие, и сите граѓани кои тоа го чувствуваме и тоа сериозно, вели за Алфа Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата на Македонија.

Иако министерот за економија Крешник Бектеши уште пред неколку месеци најави проширување на листата производи чии маржи ќе се замрзнат, од Владата сега велат дека се уште нема одлука за такво нешто.

Замрзнатите маржи нема да го спречат растот на цените на производите. За жал, наместо да поевтинат како што најавуваа надлежните, производите на големо поскапеа и тоа за неколку пати, па така граѓаните се прашуваат како ќе ја истуркаат тешката зима.

Ценовниот шок од ден во ден се повеќе се чувствува, се жалат граѓаните и се плашат дека не чека зима каква што не сме виделе.

Државната статистика потврди дека за една година августовските цени кај храната пораснале за над 25%. Најмногу, над 46% поскапело маслото за јадење, лебот за 44%, сирењето и јајцата за 27%, месото за 23%. Во маркетите килограм мелено месо стигна до 350 денари, свинското 450 денари, додека говедското е надмина 600 денари.

Според Сојузот на синдикатите на Македонија, пак, минималната кошница во август за четиричлено семејство изнесувала 48.234 денари. Оттаму велат дека сѐ повеќе работници работат, а не можат да ги обезбедат основните прехранбени продукти.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста