Бизнисмените бараат одложување на даночната реформа, УЈП најавува промени

Бизнисот бара под итно да се одложи даночната реформа која треба да стартува од јануари. На само еден месец до најавените промени, стопанствениците не знаат кај кои даноци ќе се интервенира и во колкав обем. Гневни се бидејќи наместо властите да го почитуваат даночниот календар и да му ги соопштуваат на бизнисот сите даночни измени барем 6 месеци пред да стапат во сила, фирмите дополнително се оптоваруваат со зголемени трошоци и се принудени во 5 до 12 да прават измени на годишните планови. Револтирани се бидејќи даночната реформа се прави во време на најголема енергетска криза.

Консултациите во министерството за финансии се сè уште во тек. Директорката на УЈП не сакаше да даде премногу детали околу даночната реформа. Напомена само дека ќе се стеснува листата на стоки и услуги кои се даночат со повластена стапка на ДДВ, па за некои наместо 5 ќе се плаќа 18% ДДВ. Ќе се проширува даночната основа и ќе се намалат или укинат одредени даночни ослободувања.

За поефикасна борба со сивата економија на УЈП и недостасуваат даночни инспектори. Лукаревска не посочи колку нови вработувања ќе има, но вели тие кадри ќе се преземеле од други институции. Министерот Бесими потенцираше дека очекуваните ефекти од даночните реформи се вкалкулирани во предлог буџетот. Од вкупно 4,6 милијарди евра кои треба да се соберат во државната каса, само на даноци отпаѓаат 2,6 милијарди евра. Од нив половина треба да се наплатат од ДДВ или речиси 15% повеќе само од овој вид на данок. 431 милион евра треба да се соберат од данок на личен доход или 17% повеќе од 2022, 239 милиони евра од данок на добивка што е зголемување за 21 милион евра, а повеќе пари треба да има и од акцизи и царини.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста