Бесплатната градинка и ученички оброк за најмладите во Општина Лозово

Малата рурална општина Лозово која се наоѓа во срцето на Овчеполието, воведува сет на мерки со кои ќе го ублажи инфлацискиот удар со кој се соочуваат граѓаните. Иницијативата на градоначалникот за бесплатна градинка и оброк за секој ученик до петто одделение во ООУ„ Методи Митевски-Брицо„ советниците ја изгласаа. Бесплатната градинка за 45 дечиња стартува од наредниот месец, а бесплатниот оброк за околу 140 ученици од септември.

Мојата иницијатива до Советот на Општина Лозово е за учениците од прво до петто одделение да биде обезбеден бесплатен оброк, додека за наредната година да размислуваме доколку имаме финансиски средства, да можеме да ги опфатиме и погорните одделенија„ изјави Бошко Цветковски, градоначалник на Лозово.

За мерката градинка од буџетот на општината ќе бидат издвоени 400.000 денари, а за бесплатниот оброк што учениците ќе го добиваат до крајот на декември 700.000 денари. Практично Лозово, ќе биде прва во регионот каде што родителите целосно ќе бидат ослободени од плаќање на давачки, а од семејниот буџет на едно четиричлено семејство општината ќе им заштеди од 2.000 до 3.000 денари.

Сите деца заслужуваат еднакви услови. Со тоа ќе овозможиме  да може да бидат запишани максимален број на деца во детската градинка, а ќе оставиме повеќе финансиски средства за родителите да можат да ги искористат за други намени„ изјави Цветковски.

Годинава за прв пат во Лозово ќе се воведе стипендирање на средношколци и студенти, бесплатна забава за полуматурантите,  ваучери за првооделенците, како и по 10.000 денари за секое новородено дете.

Алексадра Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста