Бектеши: граѓаните имаат нереални очекувања за драстично поевтинување на производите

Граѓаните имале преголеми очекувања за поевтинувањата на лебот, млекото и другите прехранбени производи, па затоа сега биле разочарани од висината на цените. И покрај тоа што уште пред еден месец тврдеше дека леб низ македонските продавници и маркети може да се купи и за 36 денари, денеска министерот за економија Бектеши ретерираше и им делеше на новинарите почетни лекции по одземање. Вели невозможно било да се очекува лебот да поевтини драстично и покрај тоа што тој самиот избрза и ги кажа апсолутно истите цени. Упорно уверува дека цените дополнително ќе паднат кога залихите ќе се потрошеле. Нејасно е дали по две недели откако фирмите добија поевтина струја, мислеше на залихите на обичниот и најефтин бел леб што има рок на траење од едвај 4 дена. Им порача на новинарите да изигруваат пазарни инспектори и правилно да информирале.

„Кога кажуваме 7 до 12 посто, да не очекувате 40 до 50% намалување. Тоа не е возможно да се случи моментално. Мие кажувавме дека ќе има намалување од 7 до 12%. Погледнете ги цените какви биле претходно, погледнете ги новите цени кои ги даваат производителите кон ланците на супермаркети и ќе видите дека трендот почнал да се случува. Дополнително ќе с еслучи и од други производители кога ќе се потрошат залихите по супермаркетите“ – рече Бектеши.

Инаку Владата ги прави последните пресметки за тоа каква цена да определи АД ЕСМ што треба да му ја понуди на универзалниот снабдувач. Експертите веќе се изјаснија дека висината на таа цена во најголема мера ќе зависи од поддршката на Владата кон претпријатието. Проценија дека тоа ќе биде во главно политичка одлука, како и сите претходно донесени. Министерот за економија Бектеши кој ги нарече таканаречени експерти професорите со 40 годишно искуство, уверува дека нивните најави нема да се остварат и дека зголемување ќе нема.

Тоа не е докрај точно бидејќи додека некои држави ги намалуваат даноците, македонската влада реши веќе намалениот ДДВ на струјата од 5% по Нова Година да го покачи на 10%. Тоа значи дека дури и ако цената на струјата остане иста, сметките за електрична енергија на граѓаните сигурно ќе бидат повисоки.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста