Бектеши „ги смири“ граѓаните – се шегува дека ќе носел гас со авиони

Несериозен одговор на сериозно прашање. Министерот за економија Крешник Бектеши реши да се пошегува околу набавката на гас за производство на топлинска енергија за потребите на Скопјани. Ваквата реакција стигна откако директорот на комбинираната електрана ТЕ-ТО од која Владата очекува да обезбеди 70% од топлинската енергија изјави дека компанијата не е сигурна дали ќе може да го исполни барањето во целост, бидејќи не се знае дали ќе има гас и каква ќе биде неговата цена.

„Имаме една понуда за гас, да закупиме капацитети во Унгарија и Австрија. Тие што ја даваат оваа препорака и оваа понуда, утре, тука сме ние, и во викенд можеме да работиме. Значи веднаш ќе закупиме, само да ни кажат како ќе ја донесат во Македонија. Ако природниот гас со авион може да се носи во Македонија, тогаш ние сме подготвени и тоа ќе биде голема иновативност што ќе му го продадеме на целиот свет “ – вели Бектеши.

Владата вчера прогласи енергетска кризна состојба и кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија и на тендер бара нова компанија да ги снабдува Скопјани со парно греење. Се поизвесно е дека тоа ќе бидат државните електрани кои веќе формираа три фирми за производство, дистриубуција и снабдување. Топланите можат да работат на мазут или некое друго алтернативно гориво, но поради недостатокот на пазарот, логистичките проблеми  и огромното загадување што го предизвикуваат, гасот е најдобра опција.

Инаку и покрај стравувањата на граѓаните и стопанството, директорот на државните електрани Васко Ковачевски упорно уверува дека домашното производство годинава ќе биде на максимум. За него рестрикции на струја не биле опција, а тврди дека набавката на јаглен и мазут за потребите на термоелектраните се одвивала непречено.

Кризната состојба во енергетиката ќе трае 30 дена. Владата веќе најави дека сака да ја продолжи до крајот на март, но за тоа треба да гласаат пратениците во Собранието.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста