Бектеши: Ако треба ќе го смениме и законот за фирмите и општините да се вратат од регулиран на отворен пазар

Околу 2.500 компании и општини имаат уште десетина дена да се вратат од регулиран на отворен пазар. Некои од нив отворено се изјаснија дека немаат намера повторно да плаќаат струја по повисока берзанска цена, бидејќи не прекршиле никаков закон. Откако Владата со одлука им наложи да се вратат назад на слободен пазар по Нова Година, а тие упорно одбиваат, сега министерот за економија Бектеши ќе бара други решенија. Дециден е дека фирмите „шемаџии“ кои на разни начини се обидоа да го изиграат системот ќе успее да ги стави во ред. Уверува дека ако треба ќе го промени и законот, бидејќи трошокот на крај ќе падне на грбот на граѓаните.

„Ако одредени потрошувачи како што е направено во текот на оваа година, а се околу 3.100 броила, што значи над 2.000 правни субјекти одат на регулиран пазар, што значи трошокот на граѓаните од буџетот се зголемува за поддршка на ЕСМ за да може да набави или да произведува повеќе електрична енергија за потребите на регулиран пазар што значи дека товарот оди кон домаќинствата и микро и малите компании кои стварно имаат потреба. Јас тоа нема да го дозволам“ – изјави Крешник Бектеши, министер за економија.

Огромни долгови за струја немаат само бизнисите и општините, туку  и државните институции. Долговите достигнаа и до 40 милиони евра. ЕВН започна на кратко со исклучување, а Владата експресно реши со прераспределба на буџетски пари да им помогне да ги платат сметките за струја. Сепак, не се одвои ниту половина од вкупната сума што се должи, туку едвај 16 милиони евра. Министерот за транспорт Бочварски рече дека одвоиле пари за да се платат половина од заостанатите сметки за струја на МЖ Транспорт, кој заедно со Клиничкиот центар има најголеми долгови за струја кон ЕВН.

„Со ова ќе продолжи грижата од страна на Владата и поддршката за ова претпријатие, кое е витално претпријатие и во време на криза да продолжи да ги врши обврските и дејноста за којашто е формирано и да продолжи со работа и во делот на товарниот и во делот патничкиот транспорт“ – вели Бочварски.

Од ЕВН велат дека парични средства не се префрлени на сметката на ЕВН Хоум. Сепак, компанијата правела напори да се реши проблемот и да не дојде повторно до непријатни ситуации.

Министерот за економија пак уверува дека цената на струјата за домаќинствата ќе остане непоменета, а ќе се намали за малите потрошувачи. Конечната одлука за цената на струјата треба да ја донесе Регулаторната комисија за енергетика најдоцна до крајот на месецов.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста