Без одговор: Ќе оди ли некогаш Ковачевски да го посети и поддржи „Никола Вапцаров“?!

Премиерот Димитар Ковачевски ниту наредната недела нема да оди да го посети Клубот „Никола Вапцаров“ во Благоевград, а дали некогаш во иднина планира, и со тоа да даде поддршка на Македонците во Бугарија, не одговори. Иако тоа што не присуствуваше на отворањето на Клубот предизвика револт кај голем дел од граѓаните, тој како причина зошто не отишол ја наведе владината седница на која се разговараше за економските мерки. Најави дека владата ќе поднесела официјално барање за отворање Културен информативен центар во Бугарија со цел како што рече, зближување на двата народи.

Ќе бидам во Берлин на конференција, за берлинската иницијатива, каде ќе потпишуваме договори на земјите од Западен Балкан. Инаку, ние официјално ќе поднесеме барање за отворање Културен информативен центар во Бугарија, такви какви што имаме во Тирана, во Сараево – изјави Ковачевски.

Ковачевски претходно на заедничката прес конференција со неговиот бугарски колега рече дека на институциите во Бугарија останувало да проверат на кој начин бил регистриран и отворен Клубот. Со ова на некој начин се стави во улога на негов советник, па се отвора прашањето дали Ковачевски е премиер на Македонија или Бугарија? Премиерот на ова оцени дека одговорот бил изваден од контекст.

Прашањето беше во однос на регистрацијата, во нашата држава наши институции проверуваат регистрации, во други држави нивните институции вршат проверки – така што не ви стои таа забелешка и карактеристика која ја кажавте – ни одговори Ковачевски.

Дали Ковачевски ќе оди на отворањето на македонскиот клуб беше најчесто поставуваното прашање изминатите денови, иако тој од сам старт рече дека во недела ќе остане во Скопје. За разлика од шефот на нашата влада, на отворањето на Клубот Ванчо Михајлов во Битола, присуствуваше речиси цел државен врв на Бугарија.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста