Без инциденти но тензично мина чествувањето на 151-от роденден на великанот Гоце Делчев

Македонска но и бугарска делегација се поклонија денеска да гробот на Гоце Делчев во Црквата Св. Спас. Речиси цел државен и политички врв му оддаде почит на македонскиот револуционер, великан, херој. Делегација предводена од претседателот Пендаровски, од премиерот, потпреседателот на Собранието, опозицијата, пратеници, градоначалници. Првиот човек на Владата Димитар Ковачевски не даде изјава за медиумите. 151та годишнина од раѓањето на титанот  ја честиташе преку социјалните мрежи и го згреши познатиот цитат на Делчев  „ Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“

Идеалите на безвременскиот визионер Гоце Делчев, кој пред повеќе од еден век го разбрал светот како поле за културен напредок меѓу народите, се разбран аманет и патоказ за политиките на Владата на Република Северна Македонија, поставени на дијалогот и на почитувањето, како врвни културолошки и цивилизациски придобивки – напиша премиерот Ковачевски.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ не гледа проблем доколку било кој Бугарин денеска оддал почит на македонецот Гоце Делчев, но проблемот според него е што овој голем ден се чествува во атмосфера на голема поделеност иако власта ветувала дека ќе ги подобри односите со Бугарија. За тоа како може да се подобрат односите, одговорот го знаат и бугарските политичари, кои според Христијан Мицкоски не вратиле во средниот век.

Бугарските политичари мора да одговорат на прашањето како може да се подобрат односите меѓу Бугарија и Македонија, бидејќи не враќаат во средниот век, како да не сме во 21 век. Наместо да зборуваат за вештачка интелигенција, размена на технологија и искуство, тие не враќаат во средниот век, за жал. За да добијат ситни политички поени, бугарските политичари го прават она што не треба и наместо да бидат политичари на 21 век, тие стануваат циркузанти, изјави пред новинарите претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, одговарајќи на прашање од бугарските медиуми како се односите. меѓу двете земји може да се подобри – изјави Мицкоски.

Бугарската делегација беше предводена од министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев кој не се согласи со засилените безбедносни мерки. Не биле дојдени за провокации туку да оддадат почит бидејќи целта на тие провокации била да ги разделат македонскиот и бугарскиот народ.

Јас не мислам дека такви безбедносни мерки се неопходни затоа што односите меѓу нашите два народа не бараат вакви драконски мерки на кои што сведочиме. Всушност безбедноста треба да означува сите кои што сакаат да дојдат слободно да можат мирно да оддадат почит на Гоце Делчев – изјави Демерџиев.

А дали доликуваше вака да се слави роденденот на деецот се прашуваат и историчарите?

Наместо 151-иот роденден на идеологот Гоце Делчев да се одбележи во духот на најдлабока почит кон неговото херојство,  денешниот ден ќе се памети по безбедносна операција од сериозни размери со цел да се избегнат инциденти.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста