Бајден бара да се укине федералниот данок на гориво и Саудиска Арабија да го зголеми производството за да се ублажи ценовниот шок

Претседателот Џо Бајден вели дека разбира дека никој не сака да потроши повеќе за основните работи како гориво и храна, но дека зголемувањето на цените е неизбежен резултат поради бруталниот конфликт на другата страна на светот: воената акција на рускиот претседател Владимир Путин врз Украина.

„Ја прекинавме руската нафта во САД и нашите партнери во Европа го направија истото, знаејќи дека ќе имаме повисоки цени на горивата. Можевме да замижиме пред убиствените начини на Путин и цената на гасот немаше да се зголеми како што е сега. Верувам дека тоа би било погрешно“, рече Бајден.

Цените на бензинот се зголемија на глобално ниво поради конфликтот, делумно поради строгите санкции за руската нафта и стоки како и глобалната пандемија, која ги наруши синџирите на снабдување. Бајден ќе се сретне со лидерите на Саудиска Арабија во јули во обид да го убеди глобалниот нафтен картел да ја зголеми понудата. На домашен терен, тој го повика Конгресот да го укине федералниот данок за гориво.

Републиканците се противат на ваквата одлука.

„Она што администрацијата, се разбира, го смислува е уште еден трик, и тие знаат дека тоа нема да функционира уште пред да пристигне овде во Конгресот“, рече републиканецот Џон Тун.

Путин, исто така, се чини дека не отстапува.

„Горди сме што за време на специјалната воена операција нашите борци дејствуваат со храброст, професионалност, како вистински херои. Руските војници од различни националности се борат рамо до рамо. Во оваа единица, во верата во исправноста на нивната кауза, во огромната народна поддршка што нашите војници ја чувствуваат, лежи големата непобедлива сила на Русија“, рече Путин.

Аналитичарите велат дека фокусот на Бајден на економските влијанија на војната е од клучно значење за одржување на јавната поддршка.

„Има смисла што Бајден се фокусира на зголемувањето на цената на Путин. Како што напредува војната, гледаме дека влијае на различни економии на НАТО на различни начини. Зголемувањето на цените на бензинските пумпи во САД е еден од клучните начини. Па, како ја одржувате поддршката за војна? Како ја одржувате нашата сојузничка јавност додека трае војната, а луѓето почнуваат да го чувствуваат тоа на различни начини и да го чувствуваат по нивните џебови? Тоа е голем предизвик за НАТО и САД“, рече Кетлин Мекинис од Центарот за стратешки и меѓународни студии во САД.

Белата куќа вели дека повисоките цени не се единствената жртва на војната: Русија исто така го блокира извозот на украинското жито, предизвикувајќи дополнителен шок низ целиот свет, дури и во Африка. Тоа веројатно ќе биде тема кога лидерите на седумте најбогати нации во светот ќе се сретнат следната недела во Германија.

„Претседателот Путин, не се шегувам, ја користи храната како оружје. Тој го има блокирано Црното Море, така што ништо не може да помине по море, а тоа се разбира, е начинот на кој Украина го дистрибуира своето жито на пазарите. Претседателот Бајден работи со лидерите ширум светот за да види дали има други начини преку копно да се направи тоа“, рече Џон Кирби од Советот за национална безбедност во Белата куќа.

Украинскиот претседател вели дека оваа поддршка прави разлика, бидејќи нацијата продолжува да се бори против руските сили.

„Животите на илјадници луѓе директно зависат од брзината на нашите партнери – од брзината на тоа како тие ги спроведуваат нивните одлуки за помош на Украина“, рече Зеленски.

Но, додека оваа војна влегува во петтиот месец, кој ќе ја плати највисоката цена? Тоа се, обичните луѓе.

Јованчо Наумоски, Глас на Америка – Вашингтон

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста