Асоцијација на земјоделци: Замрзнувањето на цената на лебот иако е задоцнета мерка, сепак е оправдана

Срамота е во Македонија да има недостиг на леб, ако се знае дека во амбарите на производителите на жито во моментов има околу 10 милиони килограми се’ уште неоткупена пченица. Замразната цена на лебот од 33 денари е исплатлива за производителите, бидејќи од еден килограм брашно со просечна цена од 40 денари, тие, во просек вадат по три векни леб. Но, проблемот е што пекарите, најверојатно не сакаат да се откажат од енормно високите екстра-профити, сметаат од Асоијацијата на земјоделци на Македонија.

   „Нема да изгубат производителите на леб со 33 ден. Сигурен сум, затоа што ако погледнеме, не само во Прилеп, туку и во цела Македонија, ќе дојдеме до заклучок дека денес имам цени каде леб се продава и по 30 денари, или 28 денари леб. А тоа значи дека одредени компании можеби калкулацијата неправилно ја пресметуваат, или пак можеби сакаат повеќе профит да имаат“, – вели Перо Стојкоски, претседател на Асоцијацијата на земјоделци на Македонија.

   Нема оправдување за тоа што народот остана без леб. Млинарите требало да бидат подготвени за ваква ситуација. А ако имаат проблем, тој треба да си го решаваат со надлежните институции, а не врз грбот на народот, посочува Стојкоски и додава:

  „Тоа што тие треба да разговараат е нивно право и во меѓусебни дискусии да се убедат едни со други и да видат што е реалноста. Ако е реално дека треба да биде 33 денари, во случајов и 28 или 30 денари, тогаш мора да прифатат, а ако не е реално и Владата треба да види дали е тоа реално или не е“, објаснува Стојкоски.

  Инаку, годинава се очекува со пченица да бидат посеани 76. 000 хектари што е за 1.000 хектари повеќе од лани. А тоа било резултат на лани формираниот т.н. Интервентен фонд, преку кој се надополнувала разликата, доколку откупната цена e пониска од договорената. Лани биле произведени околу 250.000 тони пченица, а годинава, со оглед на тоа што биле зголемени површините, се очекува да бидат произведени околу 280.000 тони што би значело дека Македонија се приближувала кон нивото да не биде зависна од увозот на пченица.

Каролина Дурло       

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста