„АЛКАЛОИД“ СО РАСТ НА ИЗВОЗОТ НАД 16 ОТСТО И 187 НОВИ ВРАБОТУВАЊА – фармацевскиот гигант ги објави финансиските резултати за минатата година

Македонскиот фармацевтски гигант „Алкалоид“ е максимално отпорен на домашните и увезени негативни влијанија. Постигнатите резултати: раст на консолидираниот извоз од над 16 насто, консолидирани продажби од 231,9 милиони евра, 187 нови вработувања и инвестиции во износ од 23,9 милиони евра  (1.474.213.445 денари)во текот на минатата година, потврдуваат дека ништо не може да ја помести компанијата од колосекот на стабилност и развој.

За 12 месеци добро обмислено работење, „Алкалоид“ за десет проценти ја зголемил продажбата на сопствените производи. Па, единечниот биланс на успех покажува дека во тој сегмент се остварени 171,1 милион евра (10.538.230.192 денари). А, кога станува збор за вкупните консолидирани продажби, тие се на ниво од 232 милиони евра (14.289.050.974 денари), што е за 12 насто повеќе во споредба со претходната 2021 година.

Како што информираат од компанијата, консолидираните продажби реализирани на домашниот пазар се поголеми за три насто, додека вкупниот извоз – за 16 проценти. Притоа, 32 проценти се продажби на македонскиот, а солидни 68 отсто на странските пазари. Конкретно, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 30 отсто од продажбите, во западниот дел од Европа, што значи во ЕУ и ЕФТА – 21, во Источна Европа (ЗНД, Украина…) – 16, а на другите пазари е остварен еден процент од вкупните консолидирани продажби.

Фармацевтските производи – најпродавани

Во извозната активност најголемото движење се регистрира кај пласманот на производи во Полска, каде што има удвојување на продажбите. Следуваат Романија со раст од 81 насто, САД со 51, Грција со 43, Грузија со 35, Бугарија со 25, Ерменија со 21, Косово – 11, Црна Гора – 8, Хрватска со 7 проценти, исто како и во Германија… Се освојуваат и нови пазари. Во сегментот фармација се издвојуваат првите поголеми продажби во Португалија со 303,6 (18,7 милиони денари) и во Монголија во износ од 207,8 илјади евра (12,8 милиони денари).

Всушност, фармацевтските производи, со извонредни 88 отсто го имаат најголемиот удел во вкупните консолидирани продажби на скопски „Алкалоид“. И тоа, антибиотиците со 23, препаратите ОТЦ со 18, кардиолошките со 13, невролошките препарати со 13 проценти… Сегментот хемија, козметика и билкарство, пак, учествува со 12 отсто во вкупните консолидирани продажби: хемија – 3, козметика – 7 и билкарство со два проценти. Кај сите профитни церти е евидентиран раст во однос на 2021 година. Поединечно, кај делот фармација зголемувањето е 12, хемија – 10,  козметика – пет и во сегментот билкарство – 20 проценти.

Десетпроцентен раст на нето-добивката

Резултатите од ваквиот стил на делување се согледуваат преку добивката. Податоците од „Алкалоид“ покажуваат дека единечната добивка неоптоварена со финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА) е зголемена за околу девет насто и изнесува 38,6 милиони евра (2.381.036.341 денари). А, единечната нето-добивка е 22,9 милиони евра (1.411.542.911 денари) и бележи зголемување од десет проценти.

Освен тоа, консолидираната добивка пред одбивањето на финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигнала 41,2 милиони евра (2.537.701.372 денари) и бележи раст од десет насто. Оттаму, нето-добивката е во износ од 23,7 милиони евра (1.463.420.874 денари), каде што се работи за зголемување од 12 проценти.

Во извршувањето на оперативните активности, од страна на „Алкалоид“ биле ангажирани повеќе од илјада домашни добавувачи.

Од зголемениот обем на работење произлегла и потребата за вработвање на нови 187 лица. Така, во компанијата има 2.617 вработени, од кои 2.019 се во земјата, а 598 се работат во подружниците во странство. Инаку, сите вработени покрај редовните месечни примања, добиле и регрес за користење годишен одмор во нето износ од 30.000, како и новогодишен надомест од 31.000 денари. 

Акцијата со просечна вредност од 17,4 илјади денари 

Состојбата од функионирањето на „Алкалоид“ се отсликува и на Македонската берза за хартии од вредност. Цената на акцијата, која е меѓу најбараните и најтргуваните, лани се движеше од 15.556 до 19.400 денари, или со просек од 17.475,80 денари. Тоа претставува раст од 10,6 насто во споредба со просечната цена во истиот период од 2021 година. На 31 декември лани акции поседувале 5.332 акционери – граѓани и фирми. Пазарната капитализација, пак, изнесувала повеќе од 397,8 милиони евра или над 24,5 милијарди денари.

Приоритети – грижа за вработените и стабилност на компанијата

Скопски „Алкалоид“, согласно годинешниот бизнис-план, треба да инвестира околу 11 отсто од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства. Предвиден е и десетпроцентен раст кај консолидираните продажби, но и зголемување од седум насто на консолидираниот профит пред оданочување, а во однос на изминатата 2022 година.

Од компанијата посочуваат дека бизнис-планот е заснован врз очекувањата, проекциите и можностите на тековните и на новите пазари и производи. Секако, постои и доза на резерва, поради непредвидливоста на настаните и околностите.

Меѓутоа, треба да се нагласи дека „Алкалоид“ успешно се справи со бројните предизвици и ризици со кои изобилуваше изминатиот период, произлезени од Ковид-пандемијата и од енергетската и економската криза. Во проекциите се земаат предвид претходните искуства – растот на цените на голем дел од влезните суровини и материјали, на енергенсите, како и зголемувањето на цените на транспортот на глобално ниво, при што значително се пролонгирале роковите за испорака. Бидејќи сето тоа се одразува врз инфлаторните движења, од компанијата сметаат дека тој тренд ќе биде уште понагласен во периодот што следи.

Оттаму и приоритетите на „Алкалоид“ – грижата за здравјето на вработените,  одржување на тековната ликвидност, на финансиската стабилност и остварување на планираните и зацртани цели.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста