„Алкалоид“ потпиша нов меморандум за соработка со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за програмата за практиканство

Со цел овозможување дополнителни услови за професионално профилирање на студентите и за усвојување практични вештини под менторство на врвни професионалци во повеќе дејности, „Алкалоид“ АД Скопје склучи нов меморандум за соработка со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје во рамките на програмата за развој на практикантство. Практикантската работа во „Алкалоид“ ќе биде достапна како за студентите од факултетите при УКИМ, со кои традиционално се соработува (како фармацевтскиот, медицинскиот, институтот по хемија на природно-математичкиот, технолошко-металуршкиот факултет) така и за студентите од останатите факултети од Универзитетот, како машинскиот, факултетот за електротехника и информациски технологии, факултетот за компјутерски науки и инженерство и други факултети..

Меморандумот го потпишаа генералниот директор и претседател на управниот одбор на компанијата, Живко Мукаетов и ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, професор Никола Јанкуловски

„Како општествено одговорна компанија ги отвораме вратите за што повеќе студенти кои имаат желба и волја пред прагот на своето професионално поглавје да се стекнат со соодветни практични знаења и вештини, под директно менторство на нашите докажани професионалци во различни сегменти од работењето на „Алкалоид’“, рече генералниот директор на компанијата, Мукаетов.

Ректорот на УКИМ изрази благодарност за подготвеноста на компанијата „Алкалоид“ постојано да ги надградува капацитетите за квалификација на студентите, чии образовни профили се дел од кадровската структура на компанијата.

Програмата за млади таленти оваа година ја очекува шестата генерација практиканти, а досега во нејзини рамки биле вклучени 205 практиканти, од кои 94 се веќе вработени во компанијата.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста