Ако не планирате да ја поддржите македонската култура, тогаш укинете го министерството!

Јавно да се објават имињата на сите апликанти и транспарентно да се одговори како Министерството за култура нема пари за награди чии имиња се вградени во темелите на идентитетот, јазикот и македонската култура, бара Друштвото на писатели на Македонија. Годишните награди чии имиња ги носат нашите великани како и манифестацијата „Празник на липите“ нема да згаснат бидејќи првиот човек на друштвото верува дека институции преку вложената жалба и судот на јавноста нема да дозволат тоа да се случи. Резултатите на конкурсот ги нарече скандалозни и спротивни на националниот интерес.

„Бараме министерството на својата страница да ги објави сите имиња на сите апликанти, сите да видиме кои се одобрени, а кои одбиени и според кои критериуми одлучувале комисиите за проекти што се нарекуваат дека се од национален интерес“ вели, Христо Петрески, претседател на Друштво на писатели.

Реакциите во јавноста ниту денеска не стивнуваат. Во ред е, не планирате да ја поддржувате македонската култура, тогаш укинете го министеството! Цеца, Аца, Лукас, Звезде, Гранда, но не и скопски џез фестивал, ова се само дел од коментарите на граѓаните коишто ги преплавуваат социјалните мрежи. Фолк пејачот Наум Петрески се пожали дека министерството му одобрило само 1000 евра за снимање на албум и за него е неверојатно како има пари за хрватската звезда Петар Грашо. Писателката Билјана Црвенковска на својот Фејсбук профил напиша дека не може да разбере зошто министерството дава многу малку пари.

„Поголема фрустрација е онаа во врска со добиените проекти што не можеме да ги реализираме со едвај 50% или некаде дури и само 30% од потребната сума. И дилемата едали да се откажеш или следната година пак да тргнеш со копјето накај ветерниците“,Билјана Црвенковска, писателка и уредничка

Диригентот Сашо Татарчевски, пак, на својот Фејсбук се обрати до сите уметници и колеги.  

„Главнината од народните пари оди во неврат, нешто малку (поради структура) оди на по некој пристоен проект, нешто оди на проекти по инерција од претходни години и еден дел оди на „дај им нешто ситно на овие, да не лаат“. Мизерија, секако. Ама таа мизерија ја гледаме и живееме секојдневно, во секој сегмент од постоењето. Тоа е само рефлексија на сè што ни се случува како општество“ вели  диригентот Сашо Татарчевски

 Додека уметниците се уште се соземаат од резултатите, премиерот и министерката не гледаат ништо спорно. Денеска премиерот Ковачевски посочи дека го цени трудот на секој уметник, но одговорите лежат кај комисиите. Ги повика сите незадоволни да го искористат правото на жалба. На користење на право на жалба вчера повика и министерката Костадиновска Стојчевска, која не заборави да спомене апликант за кој како што рече немал личен критериум за квалитет и барал пари за коњи и храна во рамки на одбележувањето на 120 годишнината од Илинден.

Паула Костадиноска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста